Barry Ellsworth
19 Ноември 2019•Ажурирај: 22 Ноември 2019
ТРЕНТОН (АА) - Канадски адвокат вели дека на Католичката црква не може да ѝ се довери да ги истражува случаите на свештеници кои се обвинети за сексуална злоупотреба, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Роб Талач, кој работел со над 400 вакви случаи, го покренал прашањето откако се дознало дека Католичката архиепископија во Ванкувер знаела за 36 случаи на сексуална злоупотреба во 1950-тите кои не биле пријавени. Дваесет и шест од случаите се однесувале на деца, а за тројца свештеници е откриено дека добиле деца.
Некои од свештениците се префрлени во други области наместо да бидат пријавени на полицијата.
Талач вели дека е време Канада да разгледа „различни политики во Обвинителството - да не гледаме само на свештеникот сторител, туку да одиме малку подалеку и да гледаме на заговорот кој им дозволува да продолжуваат со децении“.
Архиепископот преку соопштение истакна дека информациите за случаите ќе бидат објавени в петок. Тоа ќе биде првпат во Канада црквата да ги објави информациите јавно.
Од канцеларијата на архиепископот рекоа дека бискупите индивидуално донесуваат одлука дали да ги објават имињата на свештениците кои „биле обвинети“.
Талач потенцира дека црквата успева да биде добро организирана кога станува збор за исполнување на сопствената агенда, но не и за пристапот кон случаите на сексуална злоупотреба во своите редови.
„Католичката црква во Канада е организирана кога станува збор за прашањата како абортусот, контролата на раѓање, еутаназијата - мислам дека сите тие можат да се соберат заедно и да работат едногласно во однос на теологијата или нивната агенда“, рече тој.
Сепак, црквата се потпира на бискупи поединци кога станува збор за сексуалната злоупотреба.