свет

Министерот за надворешни работи на Оман одржа одделни разговори со претставници на САД и Иран

Ал-Бусаиди ја повтори посветеноста на Оман за продолжување на поддршката на дијалогот и за приближување на страните, како и за соработка со различни партнери за постигнување консензусни политички решенија

Serdar Dincel  | 06.02.2026 - Обновена : 06.02.2026
 Министерот за надворешни работи на Оман одржа одделни разговори со претставници на САД и Иран

ИСТАНБУЛ (АА) – Министерот за надворешни работи на Оман денес одржа одделни разговори со претставниците на Соединетите Американски Држави (САД) и на Иран во рамките на индиректните преговори меѓу Вашингтон и Техеран, со кои посредува Оман, со цел обновување на дипломатскиот процес, соопшти Министерството за надворешни работи на Оман, пренесува Анадолу.

Одделните средби на Саид Бадр Хамад ал-Бусаиди со иранскиот колега Абас Арагчи и со специјалниот пратеник на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, биле фокусирани на создавање „поволни услови за обновување на дипломатските и техничките преговори“, соопшти Министерството на американската платформа за социјални медиуми X.

Во соопштението се нагласува и значењето на преговорите „во светло на посветеноста на страните за обезбедување на нивниот успех, со цел постигнување одржлива безбедност и стабилност“.

Ал-Бусаиди ја повтори посветеноста на Оман за продолжување на поддршката на дијалогот и за приближување на страните, како и за соработка со различни партнери за постигнување консензусни политички решенија во согласност со посакуваните цели и стремежи.

Исто така, тој изрази благодарност за напорите на регионалните земји што ги поддржуваат овие преговори, се наведува во соопштението.

На денешните преговори Иран е претставен од делегација предводена од Арагчи. Според иранската државна агенција ИРНА, во делегацијата се и Маџид Тахт-Раванчи, заменик-министер за политички прашања во Министерството за надворешни работи; Есмаил Багаеи, портпарол на Министерството; Хамид Ганбари, заменик-министер за економски прашања и други ирански дипломати.

Според американски официјални претставници, САД на преговорите ги претставуваат Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет и неофицијален советник на претседателот Доналд Трамп.

Разговорите се одржуваат во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран, поттикнати од зголеменото американско воено присуство во Персискиот Залив и повторените закани за воена акција од страна на американскиот претседател.

Во изминатите денови повеќе земји, меѓу кои и Турција, понудија да посредуваат меѓу Техеран и Вашингтон, со цел да се намалат тензиите.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın