Dilara Zengin Okay
28 Април 2022•Ажурирај: 29 Април 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американската технолошка компанија „Мајкрософт“ објави дека руските хакери извршиле напади врз Украина во координација со воената акција, известува Агенција Анадолија (АА).
„Мајкрософт“ објави нов извештај за кибернападите на Русија врз Украина.
Во извештајот се наведува дека е забележано дека хакерите на Русија извршиле напади во координација со воената акција.
Истакнувајќи дека најмалку шест одделни хакерски групи поддржани од Русија извршиле разорни кибернапади додека руските воени сили ја напаѓале Украина, во извештајот се наведува дека е откриено дека хакерите биле ангажирани и во различни шпионски и разузнавачки активности.
- Кибероперациите на Русија започнаа во март 2021 година -
Во извештајот се вели дека од 23 февруари до 8 април биле забележани докази дека се изведени речиси 40 разорни напади врз стотици системи во кои трајно се уништени документи на десетици организации во Украина.
Над 40 отсто од разорните напади биле насочени кон организации во клучните инфраструктурни сектори, додека 32 отсто од овие напади директно биле насочени кон украинските државни институции.
Во извештајот се нагласува дека кибероперациите на Русија започнале уште во март 2021 година.
Рускиот претседател Владимир Путин на 24 февруари објави дека Русија започнала специјална воена операција во Донбас, источна Украина.