Beyza Binnur Dönmez
07 Декември 2023•Ажурирај: 07 Декември 2023
ЖЕНЕВА (АА) - „Лекари без граници“ денес апелираа до Израел да го запре „неселективното“ бомбардирање на Газа и ја повторија потребата од прекин на огнот, известува Анадолу.
„Првпат вчера бројката на загинати што беа донесени во болницата Ал Акса, која е поддржана од Лекари без граници, го надминал бројот на ранети. Во последните 24 часа убиени се 115 луѓе“, објави хуманитарната организација на социјалната мрежа Х.
Предупредија дека болницата е полна, како и мртовечницата.
Невладината организација апелираше до израелските сили да ги заштитат цивилите и цивилната инфраструктура.
Израелската војска на 1 декември (петок) продолжи со интензивни напади низ Појасот Газа по завршувањето на хуманитарната пауза.
По неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври, Израел возврати со немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници.
Оттогаш се убиени повеќе од 16.248 Палестинци, од кои 7.112 деца и над 4.885 жени, а ранети се повеќе од 43.616 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.