ИСТАНБУЛ (АА) - Свршеницата на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, за турскиот телевизиски канал „Habeturk TV“ зборуваше за тоа низ што поминувала по исчезнувањето на нејзиниот свршеник, пренесува Anadolu Agency (AA).
Таа изјави дека американскиот државен секретар Мајк Помпео ја повикал по повод поканата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја посети неговата земја.
На прашањето дали Кашоги бил автор дисидент, Ченгиз изјави: „Не знам колку би било правилно да го оценувам ставот на Џамал. Тој имаше свој објективен став. Имаше работи кои ги поддржуваше и критикуваше. Зборувам за нови практики, реформи и за принцот Мухамед бин Салман. Тој ја гледаше трансформирачката структура со голема загриженост и ентузијазам.“
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
По неколкудневно негирање дека имаат какви било сознанија за Кашоги, саудиските претставници минатата недела признаа дека новинарот е убиен во просториите на Конзулатот.
Нагласувајќи дека тој, по нивното склучување брак, планирал да живее во Турција и САД, Џенгиз изјави дека Кашоги го сакал Истанбул и дека често го посетувал. Таа, исто така нагласи дека Кашоги претходно се сретнал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и имал неколку пријатели во Турција.
Свршеницата на Кашоги истакна дека тие во саудискиот Конзулат за првпат отишле на 28 септември и дека тогаш и двајцата биле нервозни, зашто се плашеле од можно сослушување.
Сепак, спротивно на нивните стравувања, според зборовите на Џенгиз, Кашоги првиот пат дипломатската зграда ја напуштил среќен, бидејќи вработените во Конзулатот биле љубезни со него.
Пред нивната втора посета на Конзулатот на 2 октомври, таа нагласи дека Кашоги ѝ рекол да оди во училиштето и дека тој сам ќе оди во Конзулатот.
„Иако тој сакаше да оди сам, имав чувство дека не требаше да го пуштам да оди сам“, изјави таа, додавајќи дека била охрабрена од првата посета на Конзулатот.
Таа изјави дека била иритирана бидејќи Кашоги не ја напуштил зградата и преплашена откако утврдила дека работното време на Конзулатот е завршено.
„Тогаш, турски официјален претставник ми кажа дека сите ја напуштиле зградата и дека внатре нема никој“, изјави таа, додавајќи дека почувствувала најголем страв дека тогаш ќе го загуби.
Џенгиз рече дека 3-4 дена по инцидентот ги предала на обвинителот, компјутерот, телефонот и некои приватни работи на Кашоги. „Ситуацијата има политички, судски и хуманитарни аспекти“, изјави таа.
Таа рече дека „умирала секој ден“, сѐ додека Саудиска Арабија официјално не се огласила во врска со убиството на Кашоги.
„Сите владини органи, особено турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беа силно заинтересирани за ова прашање, тие ме поддржаа во овој период“, рече таа.
- Покана од Трамп -
Нарекувајќи ги изјавите на Доналд Трамп за убиството, контрадикторни, таа рече дека ги сметала изјавите на Трамп како обид да се здобие со јавни симпатии.
„Во мојата статија, нагласив дека ќе одам во Белата куќа, доколку преземат чекор кон решавање на прашањето. Неколку дена по поканата на Трамп, американскиот државен секретар Мајк Помпео ме повика и му реков што сакам да му кажам на Доналд Трамп“, изјави Ченгиз.
На прашањето дали ќе оди во САД, таа одговори: „Во оваа фаза, не.“
Таа го пофали уредникот на „Вашингтон пост“ за одржување на ова прашање во агендата на весникот.
Ченгиз изрази надеж дека на сите вмешани во ова злосторство ќе им се суди и дека ќе бидат казнети.
Нагласувајќи дека Кашоги им кажувал на неговото семејство и пријателите дека сака да биде закопан во близина на Медина, таа изјави дека не било соодветно да се зборува за тоа во овој момент, бидејќи неговото тело сѐ уште не е пронајдено.
Сепак, Ченгиз рече дека волјата на Кашоги ќе се исполни, доколку се пронајде неговото тело.
Ченгиз неколкупати заплака за време на интервјуто кое се одвиваше во живо.
Поради случајот со смртта на Кашоги, саудискиот крал Селман го разреши заменик-претседателот на саудиската Разузнавачка агенција и врховниот помошник, а истовремено нареди апсење на 18 осомничени во врска со убиството.
Во меѓувреме, светските лидери продолжуваат да ги повикуваат саудиските власти да ги расчистат околностите во врска со овој случај.
Турската полиција го истражува случајот, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека 18-те осомничени уапсени во Саудиска Арабија, треба да бидат испратени во Турција за да се соочат со судење.