Иранскиот претседател предупредува: Можно е евакуирање на Техеран поради влошената криза со вода
„Доколку не заврне дожд, следниот месец ќе мора да започнеме со ограничување на водоснабдувањето во Техеран. Ако сушата продолжи, ќе останеме без вода и ќе бидеме принудени да го евакуираме градот“
ТЕХЕРАН (АА) – Иранскиот претседател Масуд Пезешкиjан предупреди дека главниот град Техеран би можел да се соочи со тешка криза со вода и дека би можело да дојде дури и до евакуација на градот доколку наскоро не заврне дожд, јавува Анадолу.
Говорејќи за време на посетата на Санандаџ во Западен Иран вчера, Пезешкијан изјави дека Владата се соочува со комбинација од економски, еколошки и општествени кризи.
Тој посочи дека високите цени и инфлацијата се резултат на внатрешните политички пропусти и меѓународните санкции, пренесе „Дејли Итимад“.
„Високите цени и инфлацијата се вина и на Парламентот и на Владата. Иако постојат напори за подобрување, ограничените финансиски ресурси значат дека многу проекти остануваат незавршени“, рече Пезешкијан.
Осврнувајќи се на кризата со вода предизвикана од сушата, тој предупреди дека Иран се соочува со сериозни природни предизвици, меѓу кои намалените врнежи и исцрпените водни резерви.
„Доколку не заврне дожд, следниот месец ќе мора да започнеме со ограничување на водоснабдувањето во Техеран. Ако сушата продолжи, ќе останеме без вода и ќе бидеме принудени да го евакуираме градот“, изјави Пезешкијан.
Претседателот ја нагласи итната потреба од подобро управување и рационално користење на водните и енергетските ресурси, оценувајќи ја ситуацијата во Техеран како „загрижувачка.“
- Криза со вода во Техеран -
Водоснабдувањето на Техеран зависи од пет главни брани – Лар, Мамлу, Амир Кабир, Талекан и Латијан, а Амир Кабир е најголема.
Последните пет години Иран бележи нагло намалување на врнежите, а метеоролошките податоци покажуваат дека врнежите во Техеран годинава се околу 40% под сезонскиот просек.
Недостигот на дожд, особено во пролетните и летните месеци, предизвика драстично опаѓање на нивото на резервоарите, што влијае и врз површинските и подземните води.
Управата за водоснабдување на Техеран на 20 јули предупреди дека резервоарите што го снабдуваат главниот град се на најниско ниво во последните сто години поради продолжената суша.
Прекини во водоснабдувањето веќе беа спроведени во текот на летото. На 3 ноември директорот на Техеранската водна управа Бехзад Парса изјави дека резервите во браните може да го снабдуваат градот со вода само уште две недели доколку продолжат сувите услови.
На 23 јули Пезешкијан предупреди дека доколку кризата продолжи со ист интензитет и не се преземат ефикасни мерки, наскоро водоснабдувањето за населението ќе стане невозможно.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
