Mohammad Sıo
19 Ноември 2025•Ажурирај: 20 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелските сили денес напредуваа во селото Барика во јужната сириска покраина Кунејтра, што претставува најново кршење на суверенитетот на земјата, објавија сириските државни медиуми, пренесува Анадолу.
Израелска единица составена од пикап и комбе влегла во селото, објави Сириската арапска новинска агенција (САНА).
Израелската армија вчера ги гранатираше руралните делови на Кунејтра во Јужна Сирија, што претставува најново кршење на суверенитетот на земјата.
Армијата истрелала четири артилериски гранати во источниот дел на шумата Тал Ахмар во јужниот рурален дел на Кунејтра, соопшти САНА вчера. Не се дадени детали за повредени или предизвикана штета.
Нападот се случил неколку часа откако израелските сили напредувале во руралните области на Кунејтра и Дара во Јужна Сирија. Израелската армија или сириските власти не дадоа коментар во врска со нападот.
Неодамна се интензивираа израелските упади во Кунејтра, при што локалното население се жали на напредувањето на нивното обработливо земјиште, како и на уништувањето на стотици хектари шуми, апсењата на жителите и воспоставувањето воени контролни пунктови.
Израелската армија изврши над 1.000 воздушни напади врз Сирија и повеќе од 400 прекугранични напади врз јужните покраини од декември 2024 година, според владини податоци.
По падот на режимот на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година, Израел ја прошири својата окупација на сирискит дел од Голанската Висорамнина со заземање на демилитаризираната тампон зона, потег со кој се прекрши Договорот со Сирија за неангажирање од 1974 година.