Израелските сили застрелаа двајца Палестинци на Западниот Брег и покрај нивното предавање
- „Двајцата млади мажи ги кренале рацете кон војската, но војниците отвориле оган врз нив“,
РАМАЛА/ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) – Израелските армиски сили вечерва погубија двајца млади Палестинци во градот Џенин на Западниот Брег и покрај нивното предавање, јавува Анадолу.
На видеоклипот што кружи на социјалните мрежи се гледа како израелските војници отвораат оган од блиско растојание кон двајца млади мажи откако тие ги креваат рацете и ѝ се предаваат на војската.
Локални извори за Анадолу изјавија дека застрелувањето се случило во населбата Џабал Абу Дахир во Џенин за време на голем израелски упад во областа.
Палестинското Министерство за здравство ги идентификуваше двајцата Палестинци како Мунтасир Касем Абдула (26) и Јусеф Асаса (37), велејќи дека нивните тела биле земени од израелските сили.
Гувернерот на Џенин, Камал Абу ал-Руби, за Анадолу изјави дека израелската војска „не дозволила никому да се приближи до местото на настанот и ги спречила амбулантните возила да ги земат двајцата млади мажи“.
„Двајцата млади мажи ги кренале рацете кон војската, но војниците отвориле оган врз нив“, додаде тој.
Израелската армија во соопштение тврди дека спровела теренска истрага за околностите на инцидентот.
Вчера армијата започна голем напад врз северниот окупиран Западен Брег, поточно врз покраините Џенин и Тубас.
Паралелно со двегодишната војна во Газа, каде што се убиени речиси 70.000 Палестинци, во нападите на армијата и на илегалните доселеници на Западниот Брег убиени се најмалку 1.083 Палестинци и повредени се околу 11.000, а повеќе од 20.500 се приведени, според официјалните палестински податоци.
Меѓународниот суд на правдата ја прогласи окупацијата на палестинските територии од страна на Израел за нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.
