Faruk Hanedar
21 Февруари 2024•Ажурирај: 23 Февруари 2024
ИСТАНБУЛ (АА)
- Фарук ХАНЕДАР
Канадската активистка Карен Девито рече дека нападите на Израел врз Појасот Газа „се случај на геноцид што ќе биде опфатен во учебниците“, известува Анадолу.
Девито стигна во Истанбул за да учествува и присуствува на состаноците за Меѓународната флотила на слободата, за која се очекува да исплови во Медитеранот кон крајот на март или почетокот на април во знак на поддршка на Газа, каде што Израел ги продолжува своите воздушни и копнени напади.
„Ова е случај од учебник. Геноцидот има законска дефиниција, има многу услови, а поголемиот дел од нив ги спроведува Израел. Значи, можам да кажам дека ова е случај на геноцид од учебник“, појасни Девито.
Таа наведе дека вака страшни сцени никогаш досега не се видени.
Според нејзините зборови, во овој случај Израел извршил геноцид над луѓето и уништил сѐ до што дошол, вклучувајќи универзитети, болници, училишта и резиденции.
„Гладта се користи како воено орудие. Ова е само еден аспект на геноцидот. Само гледајќи го тоа, можете да кажете дека израелските напади се школски случај на геноцид“, рече Девито, која учествуваше на низа состаноци во Истанбул во врска со организацијата на Меѓународната флотила на слободата.
Девито потсети дека Израел ги контролира границите на Газа на кои има километарски редици на камиони со помош кои чекаат да влезат во опколената палестинска енклава.
„Нашата мисија, мисијата на Флотилата на слободата, е да ја разбиеме опсадата. Тоа е нашата цел. На Палестинците сега им е потребен крај на војната, крај на геноцидот, крај на окупацијата и отворање на границите“, порача Девито.
Потсетувајќи дека луѓето низ светот одржуваат демонстрации на улиците против оваа „ужасна бруталност“, Девито го сврте вниманието и на важноста на овие демонстрации и бојкотот на израелските производи.
Таа наведе дека се вложуваат напори протестите и БДС (Бојкот - Движење за распуштање и санкции) да се направат нелегални во Северна Америка, особено во САД.
Истакнувајќи ја важноста на дејствувањето на совесните луѓе, Девито истакна дека групите што се солидаризираат со народот на Газа веќе подолго време работат на бојкотот.
Девито нагласи дека на луѓето треба да им се покажат производите коишто му припаѓаат на Израел и да протестираат кога израелските бродови доставуваат стока во пристаништата во која било земја.
Таа потсети дека корените на геноцидот врз Палестинците се протегаат 100 години наназад и дека Израел нашол изговор да го започне геноцидот на 7 октомври минатата година.
Истакна дека постои голема цензура во врска со Палестинците во западните земји, особено во американските медиуми.
Девито нагласи дека големите медиумски куќи во САД, како што е „Си-ен-ен“, не ја прикажуваат вистинската приказна за тоа што се случува во Палестина.
„Заземаат многу пристрасен став, на страната на Израел. Вработените се плашат да не ја загубат работата, но тоа ќе се смени“, изјави Девито.
Посочувајќи на одговорноста на САД и западните земји, Девито додаде: „САД не изгледаат добро во очите на светот. Тие го потпомагаат и поддржуваат геноцидот.“