Ekip
20 Април 2019•Ажурирај: 21 Април 2019
ПАРИЗ (АА) - Француските демонстранти „Жолти елеци“ повторно излегоа на улиците, со цел на Владата да ѝ укажат дека обновата на катедралата „Нотр Дам“, која делумно изгоре во минатонеделниот пожар, не е единствениот проблем во државата што треба да се реши, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во Париз и во другите градови низ Франција, 23. недела по ред, се одржуваат протестите организирани од „Жолтите елеци“ против нееднаквоста и политиката што ја води претседателот Емануел Макрон.
Една група „Жолти елеци“ сака да маршира кон претседателската палата во Париз, и покрај големото присуство на полицијата, додека друга е насочена кон прикажување на „жолт елек“ над „Нотр Дам“ во пламен, создавајќи истовремен притисок врз Макрон.
Многу од демонстрантите се длабоко потресени поради пожарот во кој е оштетен националниот споменик, меѓутоа, многумина се лути поради донациите за „Нотр Дам“, кои достигнаа износ од милијарди евра, а кои се донирани од тајкуните, додека нивните барања во голема мерка останаа неисполнети и се борат за животна егзистенција.