Египетскиот шеф на дипломатијата: Планот на Трамп за Газа има „многу дупки“
„Многу сме претпазливи и разговараме со Хамас за да ја процениме нивната реакција на овој план“

ИСТАНБУЛ (АА) – Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати денес рече дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот во Газа има „многу дупки“, пренесува Анадолу.
Каиро „се координира со нашите браќа во Катар и со нашите колеги во Турција со цел да го убеди Хамас позитивно да одговори на овој план“, објави државниот канал Ал-Кахера њуз цитирајќи ја изјавата на Абделати во Францускиот институт за меѓународни односи во Париз.
„Постојат многу дупки (во планот на Трамп) што треба да се затворат“, додаде тој.
Шефот на египетската дипломатија рече дека е потребна натамошна дискусија за спроведувањето на планот, особено во врска со управувањето и безбедносните аранжмани во Газа за време на транзицискиот период.
„Многу сме претпазливи и разговараме со Хамас за да ја процениме нивната реакција на овој план“, рече министерот.
„Доколку постои политичка волја, верувам дека овој план за Газа може да се спроведе на терен, но бара учество“, рече Абделати.
Предупреди дека отфрлањето на планот од страна на Хамас ќе ја направи ситуацијата во регионот „екстремно тешка“ и ќе ризикува ескалација.
Египет „нема да дозволи раселување на жителите на Газа под никакви околности“, нагласи министерот.
Египетскиот премиер Мустафа Мадбули, пак, рече дека планот на Трамп за прекин на огнот вклучува „принципи што отсекогаш се усогласувале со ставот на Египет“.
Мадбули рече дека овие принципи се „без раселување на Палестинците, без анексија на Газа или на Западниот Брег, неопходност од прекин на огнот, ослободување на заложниците и затворениците од двете страни и обнова на Газа“.
„Предизвикот ќе биде во деталите на планот“, додаде тој на прес-конференцијата во Каиро.
На 29 септември Белата куќа објави детален план со кој се повикува на итен прекин на огнот во Газа, проследен со сеопфатна програма за обнова и реорганизација на политичката и безбедносната ситуација во енклавата.
Планот има цел да ја претвори Газа во зона без оружје, со механизам за транзициско управување, под директен надзор на Трамп преку ново меѓународно тело задолжено за следење на спроведувањето.
Вклучува ослободување на сите израелски заробеници што ги држи Хамас во рок од 72 часа од одобрувањето во замена за ослободување на стотици палестински затвореници од израелските затвори.
Планот предвидува запирање на непријателствата, разоружување на палестинскиот отпор и постепено повлекување на Израел од Газа, кое ќе биде управувано од технократски орган под надзор на меѓународно тело предводено од американскиот претседател.
Сепак, планот е изграден врз компромис што не е обврзувачки за Израел, додека обврските наметнати на Хамас се јасни и строги.
Исто така, нема конкретни временски рокови за повлекување на израелските сили од Газа или за испорака на хуманитарната помош.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.