Dursun Aydemir
07 Март 2024•Ажурирај: 08 Март 2024
БРИСЕЛ (АА) - Неколку стотици демонстранти вчера организираа собир во белгиската престолнина Брисел во знак на солидарност со Палестинците, известува Анадолу.
Граѓаните пред зградата на Министерството за надворешни работи остро ја критикуваа Европската Унија (ЕУ) бидејќи „дозволила Израел да изврши геноцид“ во Појасот Газа.
Исто така, ги осудија и сите оние што го поддржуваат Израел, а европските држави беа обвинети дека се соучесници во масакрот над Палестинците.
Извикувајќи пропалестински слогани „Слобода за Палестина“ и „Го бојкотираме Израел“, демонстрантите побараа итен прекин на огнот во Газа и зголемување на испораката на хуманитарна помош.

По нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници, убивајќи најмалку 30.717 Палестинци и ранувајќи 72.156 во услови на масовно уништување и недостаток на основни животни средства.
Израел воведе и целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Израел тврди дека во нападот на Хамас се убиени 1.200 Израелци, но пилот на Израелските вооружени сили посочи на фактот дека е можно дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ), со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските напади врз Појасот Газа и понатаму продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.