Servet Günerigök
31 Октомври 2023•Ажурирај: 01 Ноември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Газа сега е пекол на Земјата, изјави вчера амбасадорот на Палестина во Обединетите нации (ОН), Ријад Мансур, на итната седница на Советот за безбедност, јавува Анадолу.
„Да се спаси човештвото од пеколот денес за ОН значи да се спасат Палестинците во Газа“, рече Мансур во обраќањето на седницата што ја свикаа Обединетите Арапски Емирати.
Мансур рече дека 2,3 милиони Палестинци во Газа преживуваат страдања што никој не треба да ги трпи, наведувајќи дека се „опколени и бомбардирани.“
Амбасадорот рече дека половина од куќите во Газа сега се оштетени или уништени по израелските бомбардирања, а повеќе од 1,4 милиони луѓе присилно се раселени.
„Практично сите наши луѓе во Газа се раселени“, рече Мансур и додаде дека луѓето спијат во автомобили и на улиците, посочувајќи дека „сѐ уште ги убиваат каде што ќе стигнат“.
Амбасадорот Мансур рече дека досега се убиени повеќе од 8.000 Палестинци, вклучително и повеќе од 3.000 во јужниот дел на Газа, каде што Израел присилно пресели стотици илјади луѓе.
„Овие запрепастувачки бројки растат со секоја измината минута со одложување на акцијата за да се запре нападот врз нашиот народ“, рече амбасадорот на Палестина во ОН.
Мансур ги повика земјите членки да дејствуваат веднаш, посочувајќи дека Палестинците во Газа се „соочуваат со смртта секој ден и секоја ноќ“.
„Спасете ги, гледајте на нив како на луѓе“, додаде Мансур.