Servet Günerigök
27 Октомври 2019•Ажурирај: 27 Октомври 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Водачот на терористичката организација ДЕАШ, чие живеалиште подолго време беше непознато, е мртов, пишува американскиот магазин „Њусвик“ (Newsweek), пренесува Anadolu Agency (AA).
Цитирајќи два анонимни извори од Пентагон и американската Армија, „Њусвик“ вели дека американската војска спровела специјална операција против Ебу Бекр ал Багдади во сириската северозападна покраина Идлиб.
Американскиот претседател Доналд Трамп, синоќа, кога според списанието завршила операцијата, на Твитер напиша: „Штотоку се случи нешто многу големо!“.
„Трамп ја одобри операцијата речиси една недела пред нејзиното реализирање“, се вели од „Њусвик“.
Весникот, цитирајќи извор од американската војска кој бил известен за резултатите од операцијата, вели дека Багдади е убиен во операцијата.
„Од Министерството за одбрана до Белата куќа е соопштено дека тие имаат големо уверување дека убиеното лице е Багдади, но дека понатамошната проверка е во тек“, пишува „Њусвик“.
Од Белата куќа е најавено дека Трамп ќе даде изјава во 9 часот по локално време.
Американскиот претседател „ќе даде изјава од Белата куќа, утре наутро во 9 часот“, соопшти портпаролот на Белата куќа, Хоган Гидли.
Тоа беше соопштено кратко по твитот на Трамп.
Локацијата и статусот на Багдади беа мистерија, а повеќепати се говореше дека тој е убиен на различни боишта во Ирак и Сирија.