Jomaa Younis ,Ömer Erdem
05 Август 2025•Ажурирај: 06 Август 2025
Осама ал-Хамдан, член на Политичкото биро на движењето Хамас, изјави дека израелската Влада е целосно одговорна за животите на затворениците во Газа, известува Анадолу.
Во видеото што го објави Хамдан вели:
„Владата на Нетанјаху е целосно одговорна за животите на сите заробеници. Ова произлегува од нејзината тврдоглавост, ароганција, одбивање да се согласи со прекин на огнот и нејзината политика на геноцид и изгладнување на нашиот народ.“
Хамдан истакна и дека Нетанјаху е одговорен за тешката положба на заробениот војник Евјатар Давид. Тој посочи дека оваа ситуација е директно поврзана со опсадата наметната на Газа и спречувањето на доставувањето храна, вода и лекови во палестинската енклава.
Информирајќи дека заробените израелски војници од 7 октомври 2023 година се држат во хуманитарни услови од страна на Хамас, Хамдан рече дека таквата состојба е потврдена од изјавите на ослободените израелски затвореници и додаде:
„Јадат она што го јаде нашиот народ, пијат тоа што тој пие.“
Хамдан додаде дека третманот на Хамас кон затворениците е во согласност со принципите на исламот и дека сите човечки потреби се задоволени во рамките на можностите на народот на Газа.
Тој во видеото наведува дека палестинските затвореници што се чуваат во израелските затвори се подложени на „брутална тортура, понижувачки третман и практики што претставуваат бавна смрт“, нагласувајќи дека ваквата ситуација создава огромна контраст во споредба со однесувањето кон заробените Израелци во Газа.
На крајот од видеото Хамдан го повика Советот за безбедност на Обединетите нации да „донесе обврзувачки одлуки за прекин на геноцидната војна, повлекување на Израел од Газа, отворање на граничните премини за влез на хуманитарната помош и да се запре лошиот однос кон Палестинците во затворите“.
На 2 август Бригадите Из ад-Дин ал-Касам, вооруженото крило на Хамас, сподели видео од Евјатар Давид, еден од израелските заробеници во Газа. Давид зборувајќи дека видеото е од 27 јули, го истакна гладот во Газа и секојдневното намалување на неговата сила, додавајќи дека сам си ископал гроб во тунелот каде што го чуваат.
Обраќајќи му се на Нетанјаху, заробениот Давид во видеото вели:
„Се чувствувам напуштен овде. Како премиер треба да се грижите за мене и за сите заробеници. Лага е сè што научив дека во Израел ’се грижат за заробениците’.“