Hakan Çopur
05 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Според наводите на американскиот весник „Вашингтон пост“, Ерик Принс, основачот на поранешната фирма за приватно обезбедување „Блекватер“, бил медијатор на состанокот што се одржа на 11. јануари на Сејшелите, на кој се сретнале блиски луѓе на рускиот претседател Владимир Путин, со лица од тимот на претседателот на САД, Доналд Трамп, пренесува Anadolu Agency (AA)
„Вашингтон пост“ тврди дека под лидерство и медијаторство на Обединетите Арапски Емирати и основачот на „Блекватер“, Принс, се одржал состанок меѓу Трамп и Путин, за да се создаде дипломатија зад затворени врати.
Во веста, која се заснова на информаии од официјални американски, арапски и европски претставници, се вели дека средбата се случила на 11. јануари на Сејшелите, и на неа се разговарало за односите меѓу Русија и Иран, како и за санкциите на САД кон Русија. Исто така, се наведува дека со оваа средба, која се случила непосредно пред инаугурацијата на Трамп на 20 јануари, направен е обид да се зајакнат врските меѓу Трамп и Москва.
Во продолжението на веста се наведува дека Принс пред овластените лица на Обединетите Арапски Емирати, себеси се претставил како „неофицијален претставник на Трамп“. Истовремено се потсетува и дека тој е голем поддржувач на Трамп, и оти за време на предизборната кампања донирал 250.000 долари.
- Белата Куќа и Принс ги негираат тврдењата -
Од друга страна, портпаролот на Принс даде изјава во која ги негира сите наводи на „Вашингтон пост“. „Ерик немаше никаква улога во тимот за транзиција. Ова е целосна измислица. Наведениот состанок нема никаква врска со претседателот Трамп. Зошто разузнавачките служби не ги ловат терористите, туку се шетаат околу американските граѓани, следејќи ги?“ се вели во изјавата.
Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер, на прашање во врска со оваа тема, вчера изјави: „Не сме информирани за одржувањето на таква средба. Ерик Принс нема никаква улога во тимот за транзиција“.
Фирмата за приватно обезбедување „Блекватер“ е формирана во 1997 година, од страна на Ерик Принс, кој служел во специјалните единици на Американската морнарица. Некои од вработените во „Блекватер“ беа изведени пред суд поради тврдењата дека за време на отворањето пат за еден американски конвој во Багдад во 2007 година, отвориле оган врз насобраната маса, убиле 14 и раниле повеќе од 12 цивили. Со овој инцидент, „Блекватер“ стана тема во светската јавност, а своето име во 2009 година прво го промени во „Екс-и сервис“ (Xe Service), за потоа во 2010 година да се преименува во „Академи“.