Бројот на загинати на Филипини од тајфунот Калмаеги се искачи на 188
135 лица сè уште се водат како исчезнати, а 96 се повредени во уништувањето предизвикано од тајфунот, локално познат како Тино
ИСТАНБУЛ (АА) – Бројот на загинати на Филипини од тајфунот Калмаеги денес се искачи на 188 лица откако силната бура излезе од земјата и се насочи кон Виетнам, каде што животот го загубија уште две лица, јавува Анадолу.
Според заменик-портпаролот на Канцеларијата за цивилна одбрана (ОЦД), Диего Маријано, на кој се повикува локалниот медиум „Инквајрер“, 135 лица сè уште се водат како исчезнати, а 96 се повредени во уништувањето предизвикано од тајфунот, локално познат како Тино.
Во градот Себу во регионот Централен Висаис се евидентирани 139 жртви, а другите смртни случаи се пријавени во покраините Цебу, Негрос Оксидентал, Негрос Ориентал, Агусан дел Сур, Капиз и Јужен Лејте, како и по еден случај во Антике, Илоило, Гимарас, Бохол и Лејте.
Според официјалните податоци, вкупно 2.258.782 лица биле погодени од тајфунот, а најмалку 397.634 лица сè уште се сместени во центрите за евакуација.
Пред да излезе од т.н. Филипинска област на одговорност (PAR) вчера - регион во северозападниот Пацифик каде што филипинската метеоролошка служба ПАГАСА ги следи временските непогоди - Калмаеги осумпати се спушти на копно, предизвикувајќи големи штети низ делови од Висајас и Минданао.
Вкупно 9.585 дома биле оштетени, од кои 264 целосно се уништени.
Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Џуниор прогласи состојба на национална катастрофа поради последиците од Калмаеги, а за време на викендот се очекување нов супертајфун, Фунг-вонг (локално познат како Уван), да ја погоди земјата.
Катастрофата доаѓа само неколку недели по силниот земјотрес со магнитуда од 6,9 степени што го погоди Себу на 30 септември, при што загинаа многумина и беа раселени илјадници жители.
Во Виетнам, тајфунот Калмаеги усмрти две лица и повреди уште две во централната провинција Дак Лак откако синоќа стигна до копното во централните области, пренесува државниот портал „Виетнам њуз“.
Според државната новинска агенција на Виетнам, бурниот ветер откорнал покриви од стотици куќи, поплавил патишта, урнал дрвја и електрични столбови, предизвикал прекини во сообраќајот и на електричната енергија.
Уништени се 12 куќи, а повеќе од 500 се делумно оштетени.
Над 9.000 лица биле евакуирани од ризичните подрачја.
Според податоците на Покраинската служба за цивилна одбрана, до петок наутро тајфунот ослабел во тропска депресија.
