Mohammad Sıo
02 Октомври 2025•Ажурирај: 03 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Најмалку 66.225 Палестинци се убиени во геноцидната војна на Израел во Појасот Газа од октомври 2023 година, соопшти денес Министерството за здравство, јавува Анадолу.
Министерството истакна дека 77 тела се донесени во болниците во последните 24 часа, а 222 лица се повредени, со што бројот на повредени во израелските напади се искачи на 168.938.
„Многу жртви сѐ уште се наоѓаат под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава во соопштението.
Исто така, се нагласува дека двајца Палестинци се убиени, а 44 се повредени од израелскиот армиски оган додека се обидувале да добијат хуманитарна помош во последните 24 часа, со што вкупниот број на Палестинци убиени додека барале помош достигна 2.582, а над 18.974 се повредени, сметајќи од 27 мај.
Израелската армија ги продолжи нападите врз Појасот Газа на 18 март и оттогаш уби 13.357 Палестинци и повреди 56.897, кршејќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.