Fatma Zehra Solmaz
31 Јануари 2025•Ажурирај: 03 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Бразил возврати на заканите на претседателот на САД, Доналд Трамп, за зголемување на тарифите, соопштувајќи дека доколку се случи тоа, ќе одговорат со исти мерки, јавува Анадолу.
„Многу едноставно: ако ги оданочи бразилските производи, Бразил ќе возврати со оданочување на производите што се извезуваат од САД“, изјави претседателот Луиз Инасио Лула да Силва на вчерашната прес-конференција во главниот град Бразилија.
Лула, исто така, нагласи дека Бразил сака односи на заемно почитување со САД и изрази желба за унапредување на односите и зајакнување на трговските врски со вториот најголем трговски партнер на земјата, по Кина.
„Сакам да ги почитувам САД, а Трамп да го почитува Бразил. Тоа е сè“, рече тој.
На заканите на Трамп за анексија на Гренланд и враќање на Панамскиот Канал под американска контрола, Лула порача дека претседателот „само треба да го почитува суверенитетот на другите држави“.
Лула истакна и дека светот се соочува со закани за демократијата.
„За мене, демократијата е најважна работа за човештвото во овој момент. Или ќе ја зачуваме демократијата или ќе имаме држави поавторитарни од Хитлер и фашизмот“, предупреди тој.
Неколку месеци пред Бразил да биде домаќин на конференцијата на ОН за климатски промени КОП30 во ноември, Лула ја осуди одлуката на Трамп да се повлече од Парискиот климатски договор.
Бразил, заедно со Кина, Мексико, Канада и други, е една од земјите на кои Трамп им се закани со зголемување на тарифите откако повторно се врати во Белата куќа.