Zehra Ulucak
15 Февруари 2018•Ажурирај: 15 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Од организацијата „Save the Children“ („Спасете ги децата“) соопштија дека секое шесто дете во светот живее во конфликтна зона, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот објавен од страна на организацијата насловен како „The War on Children: Time to End Grave Violations Against Children in Conflict“ (Војната и децата: Време да се стави крај на насилствата врз децата во конфликтите“), се открива дека секое шесто дете во светот живее во воена или во зона на судири.
Во извештајот се наведува дека бројот на децата кои живеат во конфликтна зона од 1990 година досега забележува пораст за 75 отсто, односно се искачи на 357 милиони деца, од кои 165 милиони живеат во интензивна конфликтна зона.
Според овој извештај, од 2010 година досега забележан е пораст од 300 отсто во стапката на смртност и повреди на децата.
Се истакнува дека Сирија, Авганистан и Сомалија се најопасните места за децата. Се вели дека децата кои живеат во конфликтните зони доживуваат длабока психолошка траума, и дека тоа негативно ќе влијае врз идните генерации.
Во овој извештај се нагласува дека децата во конфликтните зони се лишени од можностите за здравствени услуги, и дека тие се хранат недоволно.