Amina Zorniç
19 Септември 2016•Ажурирај: 19 Септември 2016
САРАЕВО (АА) - Референдумот во Република Српска за Денот на РС ќе се одржи во недела, изјави денеска во Сараево, премиерката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Таа денес им се обрати на медиумите по состанокот во зградата на Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во БиХ, во врска со спроведувањето на реформската агенда.
На прашањето дали, ако се спроведе референдумот кој беше прогласен за неуставен од страна на Уставниот суд, ќе има кривично гонење, Цвијановиќ нагласи дека станува збор за тродемензиално прашање.
„Според активности што се спроведуваат, референдумот ќе се одржи. Што се однесува до кривичните гонења, јас не знам на кои мислите. Одлуката за референдумот ја донесе Народното собрание на Република Српска, и таа беше донесена по волјата на сите пратенички групи во РС, таму имате десетици пратеници кои цврсто застанаа зад оваа одлука. Втората димензија на ова прашање, дали ако се изјасни волјата треба да се апсат пратеници, министри, државни службеници, војници, полицајци, земјоделци, ветерани од војната? За што зборуваме тука? Дали тука има основа за тоа? Експертите кои се занимаваат со правото велат дека не постои одговорност за она што е во доменот на политичките одлуки. ЕУ е заснована врз основа на стандардите на изразување на граѓаните преку референдум. Се пласира искривена теза дека некој има активности против владеењето на правото”, рече Цвијановиќ.