Ivana Ramadanova
19 Септември 2016•Ажурирај: 26 Септември 2016
СКОПЈЕ (AА) - Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски денеска прими воена делегација на Националната гарда (НГ) на американската сојузна држава Вермонт, предводена од командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на ГШ на АРМ, се вели дека на работната средба делегацијата од НГ на Вермонт се запознала со активностите на АРМ во изминатиот период, пред сè со стекнатите искуства на АРМ во нејзиниот ангажман при справувањето со мигрантската криза и со последиците од поплавите.
„Посебен акцент се даде на начинот на организација во справувањето со кризните ситуации, менаџирањето со ангажираниот персонал и ресурсите, како и координацијата со останатите државни институции”, стои во соопштението на ГШ на АРМ.
Генералот Величковски го истакнал искреното пријателство и одличната соработка на АРМ со НГ на Вермонт, која досега се спроведува преку заедничкото учество во мировни операции, со реализација на голем број заеднички вежби, обуки и едукација на припадниците на двете армии.
Генералот Креј истакнал дека е горд на соработката со АРМ и оти пријателството што во изминатите години е изградено, значи и партнерство.

За време на престојот во ГШ на АРМ генералот Креј e примен и од министерот за одбрана Зоран Јолевски.
„Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт со многубројните активности во изминатиот период докажаа дека се вистински партнери. Одличната соработка и интензивните контакти продолжуваат и во иднина, се заклучоците по денешната средба”, соопштија од Министерството за одбрана.
Министерот Јолевски на средбата посочил дека Македонија високо ја вреднува соработката со американската сојузна држава Вермонт. Во тој контекст, подвлекол дека пример за високото ниво на соработка е и испраќањето на двајца питомци од Воената академија на школување во најстариот приватен воен универзитет, „Норвич“, пракса која ќе продолжи да се реализира и во иднина.
Каkо што стои во соопштението, Јолевски додал дека токму военото образование е едно од приоритетите на Министерството, споменувајќи го новиот Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир, „Дамјан Груев“. Се разговарало и за интензивирање на трилатералното партнерство помеѓу Македонија, Вермонт и Сенегал.
Делегацијата од НГ на Вермонт во текот на денешниот ден ќе направи обиколка на инженерискиот баталјон и баталјонот на воена полиција во касарната Илинден во Скопје, а утре со генералот Величковски ќе бидат обиколени единиците на АРМ стационирани на јужната граница и посета на гарнизонот Штип.
АРМ и НГ на Вермонт реализираат поголем број активности поврзани со одбраната и безбедноста, меѓу кои разни видови обуки, семинари, школувања, меѓусебни посети и изведување на заеднички вежби.