Hasan Esen,Abdullah Aşıran
11 Март 2017•Ажурирај: 12 Март 2017
РОТЕРДАМ (AA) - Холандскиот премиер Марк Рут изјави дека го разбира лутењето на Турција поради одлуката на холандската влада да ја повлече дозволата за слетување на авионот на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во Ротердам, но верува дека Холандија донела вистинска одлука, јавува Anadolu Agency (AA).
Руте во текот на предизборната кампања се осврна на одлуката на Владата на Холандија и реакциите кои следуваа на неа. Рече дека одлуката не може да се поништи и нагласи дека разговорите на двете земји околу собирот поминаа многу тешко.
Тој рече дека Чавушоглу утрово и се заканил на Холандија со санкции и додаде:
„Турција е НАТО сојузник. Но, секако ние не можеме да разговараме под закани и уцени. Го разбирам лутењето од нивна страна, но јас верувам дека донесовме вистинска одлука", рече Рут.
Накратко ја коментираше и изјавата на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, односно споредбата со нацизмот и фашизмот, за кои рече дека се „чудни".
Лидерот на радикално десничарската и евроскептичната холандска Слободарска партија (ПВВ) Герт Вилдерс изјави дека со задоволство ја примил веста за владината одлука.
Вилдерс преку социјалните мрежи порача:
„Благодарејќи на екстремниот притисок на ПВВ, нашата влада неколку дена пред изборите ја повлече дозволата за слетување на турскиот министер. Сакам да им порачам на сите Турци кои го делат мислењето на Ердоган, одете во Турција и никогаш не се враќајте", порача Вилдерс.
Чавушоглу вечерва требаше да се обрати на собирот во резиденцијата на конзулатот во Ротердам. Пред зградата се преземени безбедносни мерки, а освен полицијата тука се присутни и претставници на холандските медиуми.