Abdula Berisha
07 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Кралството Холандија, Вопке Хукстра, престојува во официјална посета на Северна Македонија, во чии рамки оствари средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција, холандскиот вицепремиер ја потврди поддршката за евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
„Верувам во заедничка европска иднина на нашите две земји", рече Хукстра, додавајќи дека патот на пристапување кон Европската Унија (ЕУ) бара време.
„Би сакал во име на Холандија да нагласам дека ние ќе продолжиме да ги поддржуваме и да ги поттикнуваме сите напори на вашата земја во правец на интеграција во Европската Унија. Мислам дека ова е најдобриот начин да ја зајакнеме Европската Унија“, рече тој.
Хукстра, исто така, рече дека билатералните односи се силни, притоа ја пофали Северна Македонија што застана заедно со НАТО-партнерите во поддршката за Украина против руската агресија, вклучително и со испорака на оружје.
Министерот Бујар Османи во своето обраќање рече дека следната година се навршуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Тој истакна дека Холандија е еден од најголемите и најконзистентни поддржувачи на демократскиот развој и на евроатлантските перспективи на Северна Македонија.
Османи рече дека на состанокот се зборувало за почетокот на преговорите со ЕУ, за меѓувладината конференција и почетокот на скринингот.
„Задоволство беше да слушнам дека Холандија е спремна да ја продолжи и интензивира поддршката во подготовката на земјата за исполнување на критериумите за членство во ЕУ", рече Османи.
Тој истакна дека билатералната соработка е одлична како на политички, така и на економски план, нагласувајќи дека „35 илјади холандски туристи поминуваат годишно во Република Северна Македонија", што според него, е бројка која „зборува сама за себе за одличните односи“.
Османи рече дека со Хукстра разговарале и за регионалните предизвици и геополитичкиот контекст наметнат со руската агресија во Украина и последиците кои истата ги предизвикува, со посебен акцент на справувањето со енергетската криза.
Министерот Османи потенцира дека очекува Европската Унија да биде „рамо до рамо“ со земјите од Западен Балкан во текот на најавената енергетска криза.