Admir Fazlagic
05 Септември 2019•Ажурирај: 05 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Демократската партија на Турците (ТДП) писмено реагираше затоа што на вчерашната седница на Советот за безбедност која се одржа во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, немаше претставник на турската етничка заедница, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Сакаме да Ве информираме дека за жал, може да се воочи дека во новоизбраниот конечниот состав на членовите на Советот за безбедност отсуствува (недостасува) членот од Турската етничка заедница", се вели во писмената реакција на ТДП.
„Претседателот Пендаровски, кој за време на неговата изборна кампања во секој наврат ја потенцираше важноста на концептот на мултикултурализмот како основен постулат на државата, при изборот на најблиските соработници во неговиот кабинет, а исто така и при најновиот избор за членови на Советот за безбедност, како предлози од негова страна, за жал не најде место за ниеден претставник од Турската етничка заедница, која е трета по бројност заедница во нашата држава", се вели во реакцијата.
Меѓу другото, во реакцијата се наведува дека „тоа покажува дека Турската заедница, и покрај безрезервната поддршка што му ја дадоа на претседателот при неговиот избор, е запоставена односно отфрлена од страна на највисоката институција на државата. Поради овој факт, ние како Демократска партија на Турците во Република Северна Македонија, длабоко сме разочарани, а воедно и крајно вознемирени од овој за нас „дискриминирачки„ пристап од страна на претседателот на државата."
Исто така, во реакцијата на ТДП се истакнува дека за нив „несфатлив е фактот дека е изоставена досегашната пракса да во Советот за безбедност биде претставена нашата етничка заедница, бидејќи во сите досегашни состави на Советот имало член од Турската етничка заедница."
„На крај, сакаме да потенцираме дека ваквиот индиферентен пристап кон помалкубројните етнички заедници е исто така спротивно со Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, која е една од стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија", се истакнува во реакцијата.
Во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, вчера се одржа конститутивната седница на Советот за безбедност.
На седницата присуствуваа постојаните членови на Советот: претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за одбрана, Радмила Шекеринска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Исто така присуствуваа и членовите на Советот, назначени од страна на претседателот Пендаровски: професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски.
На покана на претседателот Пендаровски на седницата на Советот за безбедност присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и заменик началникот на Генералштабот, генерал - мајор Азим Нуредин.