политика, Балкан

Претседателски избори: Гордана Силјановска Давкова наспроти Стево Пендаровски во вториот круг

На избирачките места низ државата правото на глас го искористиле вкупно 836.082 гласачи, од кои 23.188 се неважечки гласови

Abdula Berisha  | 25.04.2024 - Обновена : 26.04.2024
Претседателски избори: Гордана Силјановска Давкова наспроти Стево Пендаровски во вториот круг Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија (ДИК) на Северна Македонија ги објави неофицијалните податоци за речиси 95 отсто од избирачките места од првиот круг на претседателските избори што се одржаа денеска, јавува Анадолу.

Според податоците објавени на веб-страницата на ДИК, обработени се податоците од 94,84 отсто од избирачките места добиени по електронски пат, според кои излезноста била 49,85 отсто.

На избирачките места низ државата правото на глас го искористиле вкупно 836.082 гласачи, од кои 23.188 се неважечки гласови.

Врз основа на овие податоци, кандидатката Гордана Силјановска Давкова од опозициската ВМРО-ДПМНЕ освоила 40,19 отсто од гласовите (345.329 гласови) и се рангира на првото место.

Актуелниот претседател и кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, Стево Пендаровски, е на второто место со 19,4 отсто (171.325 гласови).

Трет е Бујар Османи, актуелен министер за надворешни работи и кандидат на коалицијата предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), кој освои 13,43 отсто од гласовите (115.374).

Кандидатот на коалицијата ВЛЕН, составена од албанските опозициски партии, Арбен Таравари, е четврти со 9,44 отсто (81.105 гласови).

Петти е Максим Димитриевски од Движењето „ЗНАМ“, кој има освоено 8,83 отсто од гласовите (75.852 гласа).

Кандидатката Билјана Ванковска Цветковска, поддржана од опозициската партија „Левица“ е шеста со 4,57 отсто (39.255 гласови), а кандидатот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски, е на последно место со 0,91 отсто освоени гласови (7.836).

Со ова, седмиот претседател на Северна Македонија ќе биде избран во вториот круг од изборите бидејќи ниту еден кандидат не успеа да освои над 50 отсто од гласовите од сите запишани гласачи.

Значи, во вториот круг, кој треба да се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори, ќе се соочат Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, на прес-конференција доцна ноќва нагласи дека гласањето се одвивало непречено и без посериозни инциденти, притоа потсети дека сега почнува процесот на примање на записниците во физичка форма од страна на општинските изборни комисии.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.