политика

Пендаровски се состана со американскиот државен секретар Помпео

„Северна Македонија ќе продолжи со тесната соработка со САД. Сметам дека е неопходна зголемена американска поддршка во претстојниот период, во кој Северна Македонија треба да стане 30. членка на НАТО...“, истакна Пендаровски

Furkan Abdula  | 04.10.2019 - Обновена : 04.10.2019
Пендаровски се состана со американскиот државен секретар Помпео Фото: Husamedin Gina/АА

ОХРИД (АА) - Во претседателската вила „Билјана“, во Охрид, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, го прими Мајк Помпео, државен секретар на Соединетите Американски Држави, пренесува Anadolu Agency (AA).

- Помпео пристигна во официјална посета на Северна Македонија -

Според соопштението на Кабинетот на претседателот на државата, Пендаровски рече дека посетата на државниот секретар на САД, Помпео, во исклучително важен период за Северна Македонија е потврда за пријателството меѓу САД и Северна Македонија, засновано на заедничките вредности за мир, слобода и демократија.

„САД се нашиот стратешки партнер уште од нашата независност, а американската поддршка беше клучна во одбранбените реформи и трансформацијата на нашата Армија, со цел исполнување на критериумите за членство во НАТО. Преку програмите за развој, САД ни помогнаа во зајакнувањето на институциите, владеењето на правото, реформите на судството, зајакнувањето на граѓанскиот сектор и медиумите, како и во поддршката на поволна бизнис-клима за трговска размена меѓу двете земји“, истакна Пендаровски, се вели во соопштението.

Се нагласува дека Пендаровски се заблагодари за постојаната поддршка од САД и во периодите кога земјата ги решаваше тешките прашања за внатрешната стабилност, како и за постигнувањето на компромис за деценискиот спор за прашањето за името, во духот на добрососедството и регионалната соработка.

„Северна Македонија ќе продолжи со тесната соработка со САД. Сметам дека е неопходна зголемена американска поддршка во претстојниот период, во кој Северна Македонија треба да стане 30. членка на НАТО и да ги започне пристапните преговори за членство во Европската Унија“, додаде Пендаровски.

Исто така, се истакнува дека Помпео се заблагодари за топлото добредојде во Северна Македонија која ја посетува во рамки на посетата на Италија, Црна Гора и Грција.

Тој потврди дека американската поддршка во продлабочувањето на пријателството меѓу двете земји ќе продолжи и во иднина, што е значајно не само за Северна Македонија туку и за стабилноста и безбедноста на целиот регион.

Државниот американски секретар Помпео денеска пристигна на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, со што ја започна официјалната посета на Северна Македонија. На аеродромот во Охрид, Помпео беше пречекан од министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.

Помпео во текот на денот ќе се состане и со премиерот на Северна Македонија , Зоран Заев. Според најавеното, по завршувањето на средбата, Помпео и премиерот Заев ќе дадат заедничка изјава за медиумите.

Американскиот државен секретар во Охрид пристигна по посетата на Црна Гора. Претходно, Помпео ја посети Италија, каде што оствари средби со претставниците на државниот врв на земјата.

Според соопштението на американскиот Стејт департмент, Помпео од Северна Македонија заминува за Атина, Грција.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.