Abdula Berisha
06 Февруари 2023•Ажурирај: 07 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати сочувство поради девастирачкиот земјотрес во Туркије, јавува Анадолу.
Претседателот Пендаровски и претседателката на Унгарија, Каталин Новак, која престојува во официјална посета во Скопје, на заедничката прес-конференција посебно се осврнаа на силните земјотреси што ја погодија Туркије, при што изразија подготвеност да испратат конкретна помош.
„Сега добиваме информации дека има втор земјотрес и многу жртви, ужасна деструкција, и би сакал уште еднаш да упатам сочувство до сите погодени и да објавам дека македонската Влада и ние како држава нема да останеме само на зборови, туку и ќе пружиме сосема конкретна помош“, рече Пендаровски.
Споменувајќи го скопскиот земјотрес од 1963 година, тој потсети дека и Северна Македонија низ историјата била погодена од катастрофални земјотреси, додавајќи дека „многу добро знаеме кога некои други народи и држави се наоѓаат во слична ситуација“.
„Нашите мисли се со турскиот народ и со турските граѓани, пред сѐ со оние кои ги изгубија своите најблиски“, додаде Пендаровски.
Претседателката на Унгарија, Каталин Новак, исто така изрази сочувство за жртвите од земјотресот, додавајќи дека Унгарија е подготвена да помогне.
„Би сакала и јас да ја искористам приликата да го изразам моето лично сочувство за жртвите од земјотресот во Турција [Туркије] и на семејствата на жртвите. Од наша страна, од страна на Унгарија, сакам да ги уверам турските граѓани дека Унгарија е на нивна страна, е со нив, сочувствува со нив и е подготвена да им помогне на сите начини“, рече Новак.