политика

Пендаровски: „Армијата на Република Северна Македонија е во одлична кондиција“

„Јас мислам дека можеме да бидеме задоволни, со тоа што политичката поддршка на овој курс мора да продолжи и да не остане на ова ниво, туку и да се зголеми, бидејќи нема да ги завршиме сите работи со членството во НАТО“

Husamedın Gına  | 27.12.2019 - Обновена : 28.12.2019
Пендаровски: „Армијата на Република Северна Македонија е во одлична кондиција“ Фото: Husamedın Gına/AA

СКОПЈЕ (АА) – Во Домот на Армијата во Скопје, се одржа брифинг за борбената готовност на Армијата на Република Северна Македонија, на кој началникот на Генералштабот, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, го информираше претседателот на Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, за состојбата со борбената готовност на Армијата во изминатата година, јавува Агенција Анадолија (АА).

По брифингот претседателот Пендаровски и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, дадоа изјава за медиумите.

Пендаровски, истакнувајќи дека буџетот за одбраната следната година ќе изнесува 160 милиони евра, рече дека е апсолутен рекорд кога станува збор за одвојување за воениот буџет од независноста на Северна Македонија.

„Можам да кажам дека јас сум задоволен од она што го слушнав и од она што го знам од тековното информирање, не само од овој брифинг. Армијата на Република Северна Македонија е во одлична кондиција ако се спореди со она што се случуваше во таа институција пред само две, три и пет години“, нагласи Пендаровски.

Тој, истакнувајќи дека има многу повеќе простор за подобрување на состојбите во Армијата, потсети дека е дадена гаранција пред НАТО и дека имаат цврста намера да го реализираат тоа во следните пет години.

„Јас мислам дека можеме да бидеме задоволни, со тоа што политичката поддршка на овој курс мора да продолжи и да не остане на ова ниво, туку и да се зголеми, бидејќи нема да ги завршиме сите работи со членството во НАТО“, истакна претседателот, додавајќи дека и како полноправна членка на НАТО ќе имаме куп обврски, бидејќи стандардите се исклучително високи и за оние земји што се веќе членки на Алијансата.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека се подготвени да направат сѐ за да не дозволи никаков ризик во поглед на членството на Северна Македонија во НАТО.

„Ние сме спремни да направиме сѐ за да не дозволиме никаков ризик во поглед на нашето членство во НАТО, и како Влада ги дискутираме различните опции, не смееме ние како држава да си ставаме сопки“, рече Шекеринска, нагласувајќи дека прашањето за ратификација на Протоколот за членство во НАТО од страна на Парламентот на Северна Македонија е прашање кое не смее да биде дел од партиските преговори, препукувања, ниту пак од партиски пазари.

Брифингот за борбената готовност е планска годишна обврска на началникот на Генералштабот кон претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата за реферирање за состојбата на борбената готовност во Армијата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın