Ikrame Imane Kouachi
24 Август 2024•Ажурирај: 26 Август 2024
АНКАРА (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му вети на американскиот претседател Џо Бајден дека израелската армија ќе се повлече на километар од 14-километарскиот коридор Филаделфија, кој се протега долж границата на Појасот Газа со Египет, оставајќи притоа минимален број на воени локации во областа, пренесува Анадолу.
Ветувањето е дел од тековните разговори меѓу Израел и САД во врска со воената офанзива во Појасот Газа и пошироките импликации за регионалната безбедност, објави израелскиот Канал 12.
Во веста не е прецизирано кога ќе се случи повлекувањето, ниту колку воени локации ќе останат.
Контролата над коридорот Филаделфија, демилитаризирана тампон зона долга 14 километри долж границата меѓу Појасот Газа и Египет, е една од главните пречки во преговорите меѓу Израел и Хамас.
Ветувањето на Нетанјаху сѐ уште не е потврдено ниту од израелската влада, ниту од американската администрација.
САД, Катар и Египет се обидуваат да постигнат договор меѓу Израел и Хамас со кој ќе се обезбеди размена на затвореници и заробеници и прекин на огнот, со овозможување влез за хуманитарна помош во Појасот Газа. Но, напорите за посредување заглавија поради одбивањето на Нетанјаху да ги исполни барањата на Хамас за прекин на војната.