Kemal Zorlak
17 Јуни 2016•Ажурирај: 18 Јуни 2016
САРАЕВО (AA) - Заменици на Претставничкиот и Домот на народот на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина Шевик Џаферовиќ и Огњен Тадиќ разговараа денес во Сараево со министерот за надворешни работи на Бугарија Даниел Митов за унапредување на билатералните односи и за понатамошниот тек на европските интеграции на БиХ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерот Митов истакна дека помеѓу Бугарија и БиХ постои долгогодишно пријателство и историја на добри политички економски односи и изрази уверување дека Европската унија не може да биде комплетна без сите земји од Западен Балкан. Во однос на тоа, шефот на бугарската дипломатија нагласи дека неговата земја силно го поддржува европскиот и евроатланскиот пат на БиХ, како и апликацијата за членство во ЕУ, која БиХ ја поднесе кон средината на февруари оваа година.
Оценувајќи дека пред БиХ има уште многу работа во однос на спроведување на бројни и понекогаш контроверзни реформи на патот кон ЕУ, министерот Митов понуди секаков вид помош од страна на Бугарија, како земја која иако е членка на ЕУ, секогаш минува низ процес на реформи, посебно во областа на правосудството и борбата против корупцијата.
Заблагодарувајќи се на искрената поддршка, замениците на Претставничкиот и Домот на народот на Парламентарното собрание на БиХ Шефик Џаферовиќ и Огњен Тадиќ нагласија дека искуствата и понудената помош на Бугарија на патот кон европските интеграции се драгоцени за БиХ.
Членовите на раководството на двата дома на Парламентарното собрание на БиХ изразија определување да се продолжи со спроведување на реформската агенда и со исполнување на сите други услови за членство на БиХ во ЕУ оценувајќи дека се уште не ја искористила посветеноста која на БиХ и ја понуди британско-германската односно новата ЕУ иницијатива.