СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, рече дека денес со започнување на пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ), Северна Македонија го направила првиот чекор кон својата европска иднина и дека е започнато ново поглавје во македонската историја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Веднаш по завршувањето на првата меѓувладина конференција во Брисел, со која се означи отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија во ЕУ, премиерот Ковачевски и комесарот за проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеји, одржаа прес-конференција.
Ковачевски, истакнувајќи дека денешниот ден е историски, долгоочекуван и сосема заслужен за Северна Македонија, рече дека на граѓаните им честита и им се заблагодарува за нивната истрајност и за нивната визија за тоа каква држава се сака да се изгради.
„Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен. А нашиот тридецениски сон е на дофат. Денес е денот кога отпочнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност“, нагласи Ковачевски.
Ковачевски посочи дека за реализација на оваа стратешка цел донесени се тешки одлуки кои бараат лидерство, храброст, мудрост и одговорност.
„Европската Унија нè прифаќа како Македонци, кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености. Ова е обезбедено засекогаш. За овие нешта ниту се преговара, ниту ќе се преговара“, рече Ковачевски.
Меѓу другото, тој ја нагласи неговата убеденост дека граѓаните ќе излезат како победници од овој процес и дека континуираната и зголемената помош што Европската Унија ќе ја обезбеди во наредниот период ќе овозможи македонските граѓани и економијата да добијат конкретна и реална поддршка.
„Нашата земја е Европа во мало. Нашата мултикултурна, мултиетничка и мултиконфесионална функционална демократија не само што ќе ја збогати Европската Унија, туку ќе биде и успешен пример за унитарна, мултиетничка држава интегрирана во европското семејство“, додаде премиерот Ковачевски.
„Северна Македонија е земја на пријателство и соживот“, нагласи тој, истакнувајќи дека тоа се автентичните белези по кои се препознава светот денес.
Наведувајќи дека Северна Македонија, економски, политички и општествено ќе се развива, Ковачевски рече дека е време за обединување, за заедништво, за оптимизам и за верба во подобро утре.

Комесарот за проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеји, истакна дека денес е важен ден и за Северна Македонија и за Европската Унија.
„Оваа политичка меѓувладина конференција е крај на еден долг процес и почеток на една нова фаза од пристапните преговори. Нешто што се надеваме дека ќе се движи многу побрзо“, нагласи Вархеји.
Наведувајќи дека оваа меѓувладина конференција е од големо значење, Вархеји рече дека Северна Македонија покажала одлучност за унапредување на патот кон ЕУ и дека Северна Македонија на тој пат била и е партнер од доверба.
Комесарот за проширување на ЕУ, истакнувајќи дека нивната порака за граѓаните на Северна Македонија денес е многу јасна, рече: „Ве сакаме во ЕУ. Тука не постојат сомнежи. Денес праќаме и моќна порака до целиот регион, па и надвор од него. Од страна на Комисијата ќе направиме сè што можеме за да се забрза процесот на преговори за Северна Македонија.“
news_share_descriptionsubscription_contact
