политика

Кина им забрани на американските дипломати без одобрение да одржуваат состаноци со официјалните претставници на Хонгконг

Американските дипломати сега мораат да бараат одобрение од Министерството за надворешни работи на Кина пред состанокот со кој било официјален претставник на Хонгконг

Riyaz Khaliq  | 28.09.2020 - Обновена : 28.09.2020
Кина им забрани на американските дипломати без одобрение да одржуваат состаноци со официјалните претставници на Хонгконг

АНКАРА

Во рамките на најновите мерки против американските постапки во Хонгконг, Кина им забрани на американските дипломати во тој полуавтономен регион директно да бараат состанок со градските официјални претставници или политичари, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Како што наведува „Саут чајна морнинг пост“, американските дипломати сега мораат да бараат одобрение од Министерството за надворешни работи на Кина пред состанокот со кој било официјален претставник на Хонгконг.

Според оваа одлука, американските дипломати треба да добијат одобрение за кој било службен, приватен, социјален или видеосостанок, како и за состаноците со која било кинеска државна или приватна образовна установа или организација и нејзиниот персонал.

Јавноста дозна за новата одлука откако на лидерот на Либералната партија во Хонгконг, Феликс Чунг Квок-пан, му било кажано дека на американскиот генерален конзул му е потребна дозвола за состанок со него.

Претходно овој месец Министерството за надворешни работи на Кина, го предупреди Чунг Квок-пан, дека сега не е прикладно време да се состане со американскиот конзул.

Ваквата постапка на Кина се смета за одмазда на американските одлуки, кои ги ограничуваат активностите на кинеските дипломати во САД.

Хонгконг е полуавтономен регион што Велика Британија во 1997 година ѝ го препушти на Кина. Во согласност со постоечките договори, Хонгконг има статус на автономија во внатрешната политика, а Кина ја води надворешната и одбранбената политика. Таквиот статус е предвиден до 2047 година.

САД, Велика Британија, Австралија и Канада се некои од земјите што изразија загриженост поради воведувањето нов закон за безбедност во Хонгконг. Официјален Пекинг ги отфрла тие критики и вели дека нема да дозволи други земји да се мешаат во нивните внатрешни работи.

Законот за безбедност е усвоен кон крајот на јуни и покрај повеќемесечните антивладини протести во Хонгконг.

Новиот закон за безбедност во Хонгконг го третира како кривично дело секое поткопување и непочитување на официјалните власти во Пекинг и ја утврдува рамката за борба против тероризмот и какви било потези на отцепување, и забранува воспоставување соработка со странските сили.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın