Калас во Приштина: „Косово припаѓа на европското семејство, но нема скратен пат до членство“
„Косово припаѓа на европското семејство, но нема скратен пат до членство во ЕУ. Потребни се реформи. Планот за развој за Западен Балкан е голема можност за постепена интеграција во единствениот пазар на ЕУ“

СКОПЈЕ (АА) - Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, која е во посета на Приштина, рече дека Западниот Балкан е од „стратешко значење“ за европскиот блок и дека проширувањето на ЕУ со земјите од овој регион е „нашиот најважен геополитички проект“, пренесува Анадолу.
Калас, во својот говор пред медиумите во Приштина, рече дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е исто така нејзин „личен приоритет“. Таа го поздрави фактот дека мнозинството луѓе во Косово го поддржуваат членството на нивната земја во ЕУ.
„Косово припаѓа на европското семејство, но нема скратен пат до членство во ЕУ. Потребни се реформи. Планот за развој за Западен Балкан е голема можност за постепена интеграција во единствениот пазар на ЕУ“, рече Калас.
Таа порача дека Косово прво мора да ја усвои реформската агенда, и тогаш би имало бенефит, а за тоа да се случи, рече таа, потребни се функционални институции кои можат да ги имплементираат реформите, охрабрувајќи ги партиите да стават крај на „политичкиот ќор-сокак“ за формирање нов парламент и влада.
Калас, понатаму, се осврна и на безбедносната состојба во Косово и регионот.
„Клучен приоритет останува нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија. Вие сте рамноправни партнери на преговарачката маса. Нормализацијата на вашите односи е единствениот пат кон побезбедна и попросперитетна иднина за луѓето од овој регион. Стабилноста се заснова на дијалогот, а не на конфронтации“, нагласи Калас.
Таа, исто така, рече дека деескалацијата на ситуацијата во северно Косово е услов за укинување на мерките против Косово, наведувајќи дека затворањето на институциите ги минира напорите кон таа деескалација.
Калас е во посета на земјите од Западен Балкан, таа ја заврши посетата на Србија, денес е во Косово, а утре ќе ја посети Северна Македонија.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.