Husamedin Gina
29 Јули 2021•Ажурирај: 29 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) - На иницијатива на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, а со поддршка на стопанските комори на трите земји, денеска во Скопје се одржува Економски форум за регионална соработка, јавува Агенција Анадолија (АА).
На главниот панел насловен како „Поврзан Балкан“, свои воведни излагања имаа Заев, Вучиќ и Рама.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, на отворањето на Економскиот форум за регионална соработка, истакна дека од денеска започнува нова ера на соработката во регионот, и информираше дека на Форумот учествуваат претставници на вкупно 350 компании од Албанија, Србија и Северна Македонија.
„Ова е силна политичка волја, ова е јасна наша определба за највисок јавен интерес и за добробит на нашите народи. Се поврзуваме за развој на нашите економии, за изградба на заедничка економија, за развој на регионот, за подобар живот на секој еден наш граѓанин“, нагласи премиерот Заев.
Заев во своето обраќање наведе дека Северна Македонија, Албанија и Србија се поврзуваат со јасна, отворена и јавна намера за народите од трите земји час поскоро да почувствуваат директни економски придобивки од олеснувањата кои ќе бидат обезбедени.
„Очекуваме многу скоро бенефитите да се почувствуваат во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на живот на милиони граѓани. За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од Европскиот Балкан“, додаде премиерот Заев.
Меѓу другото, тој потсети дека она што денес се гради произлегува од европските вредности и дека во своите темели ги содржи подеднакво исто четирите слободи на Европската Унија, а тоа се слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.
Посочувајќи дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат огромен потенцијал за одржлив раст и развој, премиерот Заев заклучи дека во регионот има приближно 18 милиони луѓе и дека тоа е многу сериозен капитал за зајакнување на економиите.