политика

Заев за телефонските разговори: „Жртва сум на мојата постојана достапност за сите“

На социјалните медиуми беа објавени снимки во кои премиерот наводно разговара со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и со поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко

Abdula Berisha  | 09.07.2019 - Обновена : 10.07.2019
Заев за телефонските разговори: „Жртва сум на мојата постојана достапност за сите“ Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на прес-конференција изрази жалење што бил жртва на измама преку телефонски разговори, јавува Anadolu Agency (AA).

На социјалните медиуми беа објавени снимки во кои премиерот наводно разговара со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и со поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, но се работи за манипулација од страна на руските комичари Алексеј Столјаров и Владимир Кузнецов, во која жртва е премиерот на Северна Македонија.

Заев изрази жалење велејќи дека „чувството е горко“, но истакна дека во текот на разговорите во ниту еден момент не открил државни тајни.

„Она што можам да го кажам е дека прифаќам дека сум жртва на мојата отвореност и постојаната достапност за сите. Јас сум на постојана отворена линија со сите наши стратешки партнери, како и со граѓаните“, рече Заев.

Во телефонските разговори е дискутирано за разни теми од земјата и од регионот, во кои се спомнуваат актуелни теми како дијалогот помеѓу Косово и Србија и можноста за коригирање на границите. Во врска со ова, Заев рече дека едноставно го повторил јасниот став на Владата на Република Северна Македонија, и рече дека ова нема да влијае на односите со земјите од регионот. Заев, исто така изрази подготвеност за извинување.

Премиерот Заев истакна дека Северна Македонија е намерно избрана, затоа што земјата е на чекор до полноправно членство во НАТО и затоа што има европски аспирации. Исто така рече дека ова е нов аларм кој укажува на потребата за сеопфатна борба против лажните вести и манипулациите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.