политика

Заев: За екстрадиција на припадниците на ФЕТО треба да го почитуваме законодавството

„За нас е важно домашното законодавство, важно е меѓународното законодавство, но и пријателството со Република Турција“, рече премиерот Заев

Abdula Berisha  | 08.04.2019 - Обновена : 09.04.2019
Заев: За екстрадиција на припадниците на ФЕТО треба да го почитуваме законодавството

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во врска со прашањето за можната екстрадиција на 15 припадници на терористичката организација ФЕТО, рече: „Северна Македонија треба да го почитува домашното и меѓународното законодавство“, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Заев присуствуваше на дебатата „Искуства и придобивки од Гаранцијата за млади“, а по завршувањето на настанот, одговараше на новинарски прашања.

На прашањето како ќе постапат институциите на земјата во врска со можната екстрадиција на припадниците на терористичката организација ФЕТО и можните реперкусии, Заев рече дека Рeпублика Турција е голем пријател на Северна Македонија. Тој истакна дека институциите треба да постапат според меѓународните правила и договори кои егзистираат во нашата земја, додавајќи дека за случаите за екстрадиција е одговорно Јавното обвинителство.

„Секако, тие доколку утврдат докази дека постојат, тие треба да постапат дури и да не бара турската држава од нас. Дури и да биде за кој било граѓанин надвор, кога се работи за екстрадиција на вакви случаи. Секако, за нас е важно домашното законодавство, важно е меѓународното законодавство, но и пријателството со Република Турција, што сакаме како пример да докажеме дека таму каде што постојат докази веднаш ќе постапиме. Но, истовремено ние сме европска земја со тенденција да бидеме членка на Европската Унија, секако и меѓународните регулативи мораме до крај да ги почитуваме“, рече премиерот Заев.

Министерството за правда на Република Северна Македонија во врска со постапките за екстрадиција на припадниците на ФЕТО потврди дека „се водат 15 предмети-барања за екстрадиција за кривични дела од областа на тероризмот“.

Од Министерството за правда во писмено соопштение за AA одговорија дека во 2018 и 2019 година, ова министерство работеше на повеќе предмети за екстрадиција на барање на Република Турција.

„Министерството за правда за сите овие барања се обрати до судот за натамошно постапување. Во моментот се водат 15 предмети-барања за екстрадиција за кривични дела од областа на тероризмот. Сите постапки се во тек и надлежните органи се во комуникација“, се вели во соопштението.

Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, во саботата изјави дека според неговите информации Министерството за правда води постапки што се однесуваат на екстрадиција на припадниците на ФЕТО-организацијата кои се наоѓаат на територијата на земјава.

„Постапките што се однесуваат на екстрадиција на припадниците на ФЕТО-организацијата коишто се наоѓаат на територијата на Република Северна Македонија ги води Министерството за правда. Моите информации говорат дека се работи за 15 лица од коишто две веќе не се на територијата на државата. Меѓутоа, подетални информации ќе мора да побарате во Министерството за правда, до каде се постапките и кога би се реализирале“, изјави Спасовски.

Потсетуваме, во официјална посета на Република Северна Македонија во текот на минатата недела престојуваше турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, кој имаше заедничка прес-конференција со министерката за одбрана на оваа земја, Радмила Шекеринска.

Акар рече дека постојат одредени структури на терористичката организација ФЕТО во Северна Македонија, како и дека во тој контекст има нови моменти.

„Се надевам дека во наредиот период ќе се направат конкретни мерки за и двете земји да се спасат од оваа терористичка организација, бидејќи им наштетува на односите на двете земји, на некој начин го саботира нашето пријателство и братските односи“, истакна Акар и додаде:

„Имаме имиња на некои од поглавните лица чии имиња се споделени помеѓу институциите на двете земји. Длабоко сум убеден дека во наредните денови институциите во Северна Македонија ќе преземат конкретни мерки и им веруваме на институцииите на земјата.“

Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), стојат зад неуспешниот обид за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а околу 2.200 беа повредени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.