Beyza Binnur Dönmez
10 Ноември 2022•Ажурирај: 10 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја оцени како значајна одлуката на Русија да ги повлече своите сили од јужниот украински регион Херсон, известува Агенција Анадолија (АА).
„Одлуката на Русија во врска со Херсон е позитивна и значајна“, им изјави претседателот Ердоган на новинарите во Анкара пред заминувањето на Самитот на Советот на туркиските земји што се одржува во Узбекистан.
Изјавата на претседателот Ердоган следуваше откако Москва вчера им нареди на своите трупи да се повлечат од Херсон на источниот брег на реката Днепар.
Ердоган истакна дека Туркије ќе продолжи да одржува телефонска дипломатија со Русија доколку претседателот на Русија Владимир Путин не земе учество на Самитот на Г-20 во Индонезија.
„Ќе продолжиме да одржуваме телефонска дипломатија со Русија и се надеваме дека ќе бидеме успешни во посредувањето и ќе овозможиме транзиција од светот во кој доминира војна во свет во кој доминира мир“, рече турскиот претседател.
Зборувајќи за напорите да се нормализираат односите меѓу Туркије и Ерменија, Ердоган рече дека ерменската дијаспора во Франција и во САД го попречува процесот.
„Кој негативната работа на овие дијаспори ќе ја пренасочи во позитивна насока? Нема сомневање дека тоа е ерменската Влада. Доколку успее да го постигне тоа, и нашата перспектива ќе се смени во позитивна насока. Наша цел и труд е стекнување пријатели, а не создавање непријатели“, рече Ердоган.
Претседателот на Туркије изрази уверување дека Самитот на Советот на туркиските земји кој ќе започне во Самарканд в петок, 11 ноември, ќе ја издигне соработката меѓу земјите членки на ново ниво.
Ердоган рече дека за време на состаноците со шефовите на државите и владите на Самитот на Советот на туркиските земји ќе разговара за билатералните односи и за глобалните прашања.