Ердоган во посета на Саудиска Арабија, во фокус економијата и инвестициите
„Посетата на Ердоган ја претставува волјата на двете земји да ги унапредат односите, особено во областа на економијата и инвестициите, како и дополнително да ја развијат соработката меѓу приватните компании“
ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган утре ќе ја посети Саудиска Арабија во придружба на делегација од бизнисмени, со цел да се зголеми трговската размена, да се поттикнат меѓусебните инвестиции и дополнително да се зајакне соработката меѓу приватните сектори на двете земји, изјави претставник од секторот за Анадолу.
Претседателот на Турско-саудискиот бизнис-совет при Одборот за надворешноекономски односи (DEIK), Хасим Сунѓу, истакна дека во текот на посетата ќе се одржат важни средби, во време кога односите меѓу Турција и Саудиска Арабија бележат напредок во економската, политичката и другите области.
„Посетата на Ердоган ја претставува волјата на двете земји да ги унапредат односите, особено во областа на економијата и инвестициите, како и дополнително да ја развијат соработката меѓу приватните компании“, рече Сунгу.
Тој посочи дека стратегијата за развој на Саудиска Арабија, позната како програмата „Визија 2030“, во голема мера се совпаѓа со капацитетите на Турција во индустријата, производството, инженерството и технологијата, велејќи дека посетата ќе понуди значајни предности за турската бизнис-заедница во зајакнувањето на односите и отворањето пат за нови инвестициски проекти.
Сунѓу истакна дека обемот на трговска размена меѓу двете земји неодамна надминал 8 милијарди долари, но додаде дека, со оглед на големината на нивните економии, би требало долгорочно да достигне околу 30 милијарди долари.
„За да се постигне оваа цел, неопходно е да се надмине традиционалниот модел на трговија и да се зголемат инвестициите, да се поддржи домашното производство и да се развие соработката на проекти. Клучна улога во овој процес има зајакнувањето на директните контакти меѓу бизнис-заедниците на двете земји“, нагласи тој.
Додаде дека енергетиката, инфраструктурата, градежништвото, индустријата, одбраната, здравството, туризмот и дигиталната трансформација се меѓу главните области со голем потенцијал за соработка и инвестиции.
Сунѓу ги истакна и големите проекти на Саудиска Арабија, како Неом, Кидија, Црвеноморската туристичка дестинација и проектот Ал-Ула, како значајни можности за турските компании.
„Овие проекти создаваат основа за сигурни партнерства врз база на силната инженерска, производствена и технолошка инфраструктура на Турција. Веруваме дека наредниот период ќе донесе раст на меѓусебните инвестиции и поцврсти долгорочни стратешки партнерства, со што економските односи меѓу двете земји ќе станат поизбалансирани и поодржливи“, заклучи тој.
