Adel Omeragic
15 Април 2019•Ажурирај: 16 Април 2019
ПОДГОРИЦА (AA) - Подгорица денес е домаќин на Конференцијата за млади парламентарци на ЕУ и Западен Балкан, каде што се разговара за моменталната состојба во земјите на регионот, како и за перспективата на проширувањето на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Конференцијата собра парламентарци од повеќе од 20 земји, а учествуваат и министрите за надворешни работи на Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и заменик-министерката за надворешни работи на Албанија.
Претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, отворајќи го денешниот собир, рече дека регионалната соработка и добрососедските односи се еден од столбовите на црногорската надворешна политика.
„Во тоа постигнуваме постојани успеси кои се одразуваат во многу добри односи со соседите и со поширокото опкружување. И тоа е дел од црногорската традиција, кој е во согласност со вредностите на обединетата Европа. Во претстојниот период нè очекува поефикасна имплементација на законите, понатамошно усвојување на европското правно законодавство, дополнително зајакнување на институциите, јакнење на владеењето на правото и постигнување нови резултати во борбата против организираниот криминал и корупција“, рече Брајовиќ.
Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, говорејќи за проширувањето на ЕУ на државите од Западен Балкан, оцени дека тоа е од есенцијална важност за стабилноста и напредокот на економиите на државите од регионот.
„ЕУ покажа вредности во кои преовладуваат мирот, добрата позиција на глобалниот пазар и гарантирање на капиталот, стоките и луѓето. Ова е Европа во која сакаме да пристапиме и да бидеме еднаков член, затоа сме решителни да работиме цврсто и уште повеќе во исполнување на сите стандарди“, рече Дармановиќ.
Министерот за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак, порача дека во овој момент нема други работи што ги спојуваат луѓето и ентитетите во БиХ како што е европската иднина на оваа земја.
„Ако одите во Сараево, Мостар или мојот роден град, Бања Лука, ќе наидете на голема поддршка за европската иднина на нашата земја. Од нашето турбулентно минато не само од војната, туку и времињата од претходно, единствен сигурен пат за долготраен мир и стабилност е да бидеме дел од многу важното семејство на мирот и стабилноста“, рече Црнадак.
Тој рече и дека поради тоа ќе биде многу интересно да се видат резултатите од претстојните избори за Европскиот парламент.
„Сите ние се надеваме дека промените кои би се случиле на пониско или повисоко ниво нема да ја загрозат нашата позиција и позицијата дека ЕУ не е комплетна додека државите на Западен Балкан не бидат таму“, рече Црнадак.
На денешниот воведен дел присуствуваше и црногорскиот премиер, Душко Марковиќ.
Во текот на три одделни сесии на Конференцијата, младите парламентарци ќе разговараат на темите „Перспективите за проширување на Западен Балкан по изборите за Европскиот парламент“, „Улогата на националните парламенти во Берлинскиот процес“, и „Образованието како двигател на развојот“.