Abdula Berisha
10 Декември 2019•Ажурирај: 11 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, присуствуваа на промоцијата на стратегиите изработени од заедничките работни групи, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерот Спасовски рече дека работните групи биле ангажирани веќе една година за да ја разгледаат моменталната состојба и да предложат нови решенија во области како што се човечките ресурси, дисциплинските процедури, комуникација со заедницата и развој на Центарот за обука.
„За реализација на проектот формиравме 4 работни групи со членови од Министерството за внатрешни работи, експерти ангажирани од ОБСЕ, Македонскиот полициски синдикат, и по една година интензивно работење, добивме изготвени стратегии. Согласно планот за реализирање на проектот, од наредната година ќе се започне со имплементацијата на мерките предвидени во акционите планови“, рече Спасовски.
Зборувајќи за конкретните области за кои се подготвени стратегии, министерот за внатрешни работи се фокусираше и на развојот на Центарот за обука, за кој што рече дека има за цел да се претвори во регионален центар, целосно опремен и дигитализиран.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, истакна дека ОБСЕ неколку години по ред поддржува професионализација на полицијата и спроведување на демократските принципи, додавајќи дека во последно време, поддршката е насочена кон систематските реформи.
„Експертите од нашата мисија им помогнаа на 4-те работни групи одредени од министерот Спасовски да развијат 3 стратегии од областа на менаџментот на човечките ресурси, полицискиот Центар за обука и ангажманот со заедницата и комуникација. Покрај тоа, ние го поддржавме развојот и спроведувањето на извештајот за евалуација на дисциплинските постапки на Министерството. Верувам дека оваа постапка беше најдобар модел на практика за тоа како ОБСЕ може да поддржи една институција“, рече Која.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ исто така нагласи дека во рамки на проектот, во Министерството за внатрешни работи ќе се формира Комитет за проценка на спроведувањето на акциските планови, кои се резултат на стратегиите.