Ekipa
09 Декември 2019•Ажурирај: 10 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Новиот еврокомесар за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, порача дека Европската комисија стои зад препораката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија следнава пролет, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Остварив средба со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров и со вршителот на должноста министер за надворешни работи на Албанија, Гент Цакај. Разговорите беа конструктивни. Европската комисија стои зад препораката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија следнава пролет“, напиша Вархеји на социјалната мрежа Твитер, по средбата со двајцата министри.
Инаку, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде што ќе оствари средба со повеќе претставници на Европската Унија.
Потсетуваме, на Самитот на лидерите на Европската Унија (ЕУ) во октомври не беше постигнат договор за започнување пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.