политика

Во Брдо кај Крањ денеска се одржува Самит ЕУ - Западен Балкан

Домаќинот на Самитот, словенечкиот премиер Јанез Јанша, утрово организираше официјален пречек за учесниците на Самитот, меѓу кои се и поедини челници на земјите членки на ЕУ и највисоките претставници на земјите од регионот

Senita Sehercehajic  | 06.10.2021 - Обновена : 06.10.2021
Во Брдо кај Крањ денеска се одржува Самит ЕУ - Западен Балкан Фото: Aleš Beno/АА

БРДО КАJ КРАЊ (АА) - Највисоките претставници на Европската Унија (ЕУ) и шесте земји од Западен Балкан се состануваат денеска во Брдо кај Крањ за да разговараат за европската иднина на регионот и економското закрепнување, особено по пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).

Дводневните состаноци, кои започнаа вчера (5 октомври) со неформална вечера на лидерите на ЕУ, се организирани во рамки на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија. Домаќинот на Самитот, словенечкиот премиер Јанез Јанша, утрово организираше официјален пречек за учесниците на Самитот, меѓу кои се и поедини челници на земјите членки на ЕУ и највисоките претставници на власта на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово.

Со Самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, кој ќе ја претставува ЕУ, заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а ќе им се придружат и високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархели.

На пленарната сесија, која би требало да следува по свечениот пречек на лидерите, ќе присуствуваат претставници на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светската банка и Советот за регионална соработка.

Самитот на Брдо кај Крањ ќе биде можност за реафирмација на европската перспектива на Западен Балкан, беше соопштено претходно, што претставува заеднички стратешки интерес на земјите од регионот.

Лидерите ќе разговараат и за соработка за забрзување на социо-економското закрепнување по пандемијата на Ковид-19, вклучително и испораката на вакцини против коронавирусот. Ќе стане збор и за имплементација на Економскиот инвестициски план и Зелената агенда за Западен Балкан, како и за продлабочување на соработката на политичкиот и на планот на безбедноста.

На крајот на Самитот, лидерите на ЕУ ќе усвојат декларација, за која се повикани да ја поддржат и челниците на земјите од Западен Балкан.

Декларацијата и заклучоците од Самитот на јавноста ќе ѝ ги презентираат Мишел, Фон дер Лајен и Јанша на прес-конференција што ќе се одржи во попладневните часови.

На Самитот на Брдо кај Крањ му претходеше балканска турнеја на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на којашто се состана со лидерите на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија. Исто така, со поддршка на ЕУ, од 1 јули оваа година стапи на сила одлуката за укинување на роамингот меѓу земјите од регионот. На Самитот во Берлин на 5 јули, со учество на Фон дер Лајен и Мишел, потврдена е потребата од понатамошно јакнење на регионалната соработка и приближување на регионот кон ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.