Furkan Abdula
28 Август 2023•Ажурирај: 28 Август 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на посетата на Република Словенија, каде што учествува на Бледскиот стратегиски форум, оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пренесува Анадолу.
Според владиното соопштение, на средбата на која присуствувале и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи се разговарало за актуелните политички случувања во Северна Македонија, во фокус на успешното отпочнување на процесот на уставните промени во Собранието.
„Посветеноста и поддршката на Европската Унија во процесот на евроинтеграциите на Северна Македонија се исклучително важни во дадениот момент, за што јасно е упатена порака од страна на ЕУ за важноста на успешното завршување на процесот на уставните измени за натамошниот тек на процесот на европското интегрирање на земјата“, се вели во соопштението.
Двајцата соговорници се согласија дека уставните измени претставуваат единствена и неповторлива шанса за напредокот и просперитетот на Северна Македонија во рамките на ЕУ.
„Членството на Северна Македонија во ЕУ ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан, а особено во делот на економскиот развој, како на земјата, така и на регионот“, се додава во ова соопштение.
Наедно беше потенцирано дека посветеноста и забрзувањето на реформите се клучни за зголемената поддршка од ЕУ во однос на претпристапните средства за земјите од Западен Балкан.
Од друга страна, Ковачевски во овие рамки вчера присуствуваше на работна вечера во организација на словенечкиот премиер Роберт Голоб.
На работната вечера, покрај премиерот Ковачевски, учествуваа и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и премиерите на Албанија, Еди Рама; на Хрватска, Андреј Пленковиќ; на Бугарија, Николај Денков; на Косово, Албин Курти; на Србија, Ана Брнабиќ; на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, како и вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.
Лидерите ја искористија можноста за дискусија поврзана со европската интеграција на земјите од Западен Балкан, како и напредокот на реформските процеси што се смета за најдобра инвестиција за земјите од регионот.