Furkan Abdula
28 Август 2023•Ажурирај: 28 Август 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на отворањето на Бледскиот стратегиски форум во Блед беше пречекан од премиерот на Словенија, Роберт Голоб, и од вицепремиерката и министерка за надворешни работи Тања Фајон, пренесува Анадолу.
Според владиното соопштение, на Бледскиот стратегиски форум годинава присутните лидери и учесници на панелите ќе се обидат да дадат различни перспективи во однос на справувањето со предизвиците со кои се среќаваат земјите од Европа, но и светот, предизвикани од воената агресија на Русија врз Украина, а поврзани со безбедноста, пристапот до храна и енергија, економскиот развој на земјите од Европа, како и предизвиците поврзани со климатските промени.
Во соопштението се наведува дека за земјите од Западен Балкан во фокус ќе биде продолжувањето на евроинтегративните процеси во контекст на геостратегиските превирања што произлегоа од војната во Украина.
Премиерот Ковачевски на Бледскиот стратегиски форум ќе има свое излагање на попладневниот лидерски панел заедно со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и премиерите на Словенија, Роберт Голоб; на Албанија, Еди Рама; на Хрватска, Андреј Пленковиќ; на Бугарија, Николај Денков; на Косово, Албин Курти; на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.