БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на форумот за Турција во Европскиот парламент, Лаура Батала, предупреди дека прекинувањето на преговорите со Турција, од аспект на Европската Унија би бил „фатална стратешка грешка“.
Батала во разговор за Аnadolu Agency (AA) даде процена за односите меѓу Турција и ЕУ.
Батала во разговорот се осврна на телевизиски дуел меѓу германската канцеларка и лидер на Христијанско-демократската партија на единство (CDU), Ангела Меркел, и нејзиниот противкандидат Мартин Шулц, лидер на Социјал-демократската партија, на којашто станало збор за она што ѝ се прави на Турција во рамките на преговорите за членството во Унијата. Батала истакна дека поголем дел од земјите-членки на ЕУ немаат заедничко гледиште за суспендирање на преговорите на ЕУ со Турција.
„Изјавите на Шулц и Меркел во Германија за суспендирање на преговорите ЕУ-Турција треба да се гледаат во рамките на изборите кои идната недела ќе се одржат во Германија“, рече Батала.
Батала потсети дека идниот месец треба да се одржи Самитот на Советот на ЕУ, на којшто на дневен ред ќе бидат односите меѓу Турција и ЕУ. Таа смета дека по завршувањето на изборите, веројатно Германија нема да продолжи со остриот став кон Турција.
Батала го истакна фактот дека Франција, како една од важните земји во Унијата, не сака да се прекинат преговорите меѓу Унијата и Турција. „Меѓу страните има голем број заеднички интереси. Прекинувањето на преговорите ќе претставува загуба и за двете страни. Турција и ЕУ во голема мера се меѓусебно поврзани“, посочи Батала.
- „Прекинувањето на преговорите би преставувало фатална стратешка грешка за ЕУ“
„Во ниту еден случај не треба да се суспендираат и да се прекинат преговорите меѓу Турција и ЕУ. Тоа, од аспект на ЕУ би било фатална стратешка грешка“, истакна Батала.
Потсетувајќи дека периодот за членството на Турција во ЕУ започнал многу пред официјалните преговори во 2005 година, Батала рече: „Всушност, Турција на вратата на ЕУ чукна уште во 1959 година. Членството во ЕУ отсекогаш било примарно прашање во надворешната политика на Турција“.
Таа истакна дека ЕУ во досегашниот тек на преговорите не се однесувала чесно и фер кон Турција, и истакна дека тоа довело до разочарување кај турската страна и е причина за намалување на поддршката на јавноста за членството во Унијата.
„Потребно е ЕУ да изгради еден нов пат, по кој чесно и веродостојно ќе ги продолжи преговорите. Отворањето на поглавјата и нивната политизацијата е причина што преговорите влегоа во ќорсокак“, рече Батала.
Батала потсети дека Европскиот парламент во јули, поради политичката состојба во Турција донесе одлука за привремено запирање на преговорите, за подоцна да предложи нивна суспензија. Таа рече дека истовремено, Европскиот парламент отсекогаш на еден многу силен начин го поддржувал членството на Турција во ЕУ.
Генералниот секретар на форумот за Турција во Европскиот парламент, Лаура Батала, изјави дека кај ЕП е формирано гледиште според коешто во последниот период во Турција нема напредок и дека не успева да ги исполни своите обврски во врска со владеењето на правото, демократијата и човековите права.
Батала истакна дека преговорите со ЕУ се важно средство коешто ќе даде значаен придонес во демократизацијата на Турција.
„Доколку ЕУ еднострано го прекине преговорите за членство на Турција, тоа ќе го зацврсти мислењето во Турција дека ЕУ уште од самиот почеток на преговорите кон членството и интеграцијата на Турција во унијата не била сериозна и искрена“, додаде таа.
- „Услов е отворен и искрен дијалог“
Лаура Батала рече дека врските меѓу Турција и ЕУ се на најниско ниво, гледајќи на целиот период од почетокот на преговорите во 2005 година, досега. Таа истакна дека за поправање на врските и за нивен понатамошен развој, потребен е еден едноставен метод, а тоа е „отворен и искрен дијалог“.
Од аспект на ЕУ, Батала смета дека преземањето позитивни чекори на полето на демократијата, владеење на правото и човековите права во Турција, позитивно ќе се одрази врз меѓусебните односи, што ќе биде причина за измени во ставот на ЕУ.
„Потребно е и ЕУ да разбере дека Турција во последно време минува низ многу тежок период“, рече Батала, изјавувајќи дека тешкиот период не е само поради минатогодишниот обид за државен удар во Турција, туку и поради различните терористички организации кои изведуваат напади во земјата.
Батала за обидот за државен удар против демократски избраната влада во Турција рече дека е неприфатлив и додаде: „Обидот за државен удар е еден од најголемите тестови со коишто се среќава турската демократија низ својата историја“.
Таа рече дека ЕУ го осудила обидот за државен удар и оти стои покрај турскиот народ. Батала додаде дека ЕУ покажала дека се солидализира со Турција. „Од друга страна“, додаде таа, „по обидот за државен удар, ЕУ се фокусираше кон обемот и големината на активостите на турската Влада. Турција минува низ многу тежок период. Траумата не е целосно разбрана од страна на ЕУ“.
- „Периодот на отворање на поглавјата е политизиран“
Батала рече дека процесот за проширување на ЕУ е еден технички процес, и истакна: „Во случајот со Турција, процесот е премногу политизиран“.
Батала смета дека доколку ЕУ сака да види напредок по прашањата за коишто ја критикува Турција, потребно е да ги отвори 23. поглавје „Судство и основни права” и 24. поглавје „Правда, слобода и безбедност“. „Отворањето на поглавјата од страна на ЕУ наликува на доделување награда за Турција, бидејќи тоа е техничка неопходност во процесот на преговорите“, рече Лаура Батала.