Admir Fazlagic
23 Септември 2017•Ажурирај: 24 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се обрати на 72. Генерално собрание на Обединетите нациии во Њујорк при што порача дека владите треба да бидат фокусирани на своите одговорности, а не на разликите, како и дека е потребно да работат за заеднички бенефит, со цел да се обезбеди подобра иднина и просперитет, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во својот говор на Генералното собрание на ОН, премиерот Заев посочи дека државите мора да се фокусирааат на имплементација на нов одржлив развој и да се создаваат нови начини за пријателство и партнерство.
„Уверен сум дека ја имаме истата цел - мир во светот. ,Уверен сум дека ги делиме истите заложби. Уверен сум дека на заедничките предизвици ќе одговориме со заеднички решенија. Мирот, заложбата за пристоен живот и заедничките решенија се вредностите преку кои Република Македонија успеа да надмине длабока политичка криза која дури го брануваше и нашиот регион. Ние сме мала земја полна со различности. Минавме низ тешки искушенија, бидејќи се обединивме околу заедничките вредности. Затоа Република Македонија денес е слободна безбедна и стабилна. Република Македонија е пријател со своите соседи и цврсто ориентирана кон целосна интеграција во НАТО и ЕУ", истакна премиерот Заев.
Во своето излагање, тој рече дека Република Македонија и четврт век по приемот во ОН се уште има отворено прашање за името со јужниот сосед Грција и посочи дека двете држави веќе имплементираат мерки за градење доверба.
„Ова е многу позитивен развој. Имаме нови напори, нова енергија да ги разрешиме недоразбирањата. Признавам направивме во различни времиња грешни чекори, меѓутоа сега е време да ги затвориме овие прашања", рече Заев.
Претседателот на Владата на Република Македонија потсети дека во последните неколку месеци Влада која тој ја предводи промовирала нов пристап кон соседите, покажувајќи капацитет да ги надмине отворените прашања. Заев рече дека новата Влада во Македонија има амбициозен план за реформи со кои треба да се изградат професионални институции и да се подобри стандардот на граѓаните.
Македонскиот премиер најави дека Македонија ќе продолжи да соработува со сите земји членки од ОН и заедно да го подржува мирот во светот, човечките права и одржливиот развој.
Меѓудругото, во своето обраќање премиерот Заев се осврна и на мигрантската криза посочувајќи дека Македонија добро се справила со овој предизвик.
„Ова е глобален феномен, предизвикан од различни причини, со различни импликации. ОН усвои сеопфатна политичка декларација и вети дека ќе ја интензивира меѓународната соработка. Република Македонија ги поддржува тековните консултативни процеси и учествува во нив. Очекуваме исход што ќе ги опфати сите аспекти на глобалните феномени", истакна Заев.
Говорејќи за предизвиците со кои се соочува светот, премиерот Заев изрази загриженост и за ракетните проби на Северна Кореја и се заложи за мирна денуклеаризација на оваа земја.
На крајот од обраќањето премиерот Заев рече дека Република Македонија останува цврст поддржувач на мултилатерализмот.
„Ние ќе продолжиме да работиме со вас и со сите земји членки на ОН за заедничко зајакнување на светскиот мир и безбедност, за унапредување на човековите права, за постигнување на целите за одржлив развој и за сите други прашања коишто се клучни за луѓето кои ги претставуваме“, порача Заев.