САРАЕВО (АА) - За граѓаните од Југоисточна Европа, Европската унија (ЕУ) е можност да "избегаат" од регионот и таму да најдат работа, а од друга страна, пак, од државите и владите од регионот не се очекува да работат на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Ова се податоците од Советот за регионална соработка, која денес во Сараево го презентираше овогодинешното издание на Балканскиот барометар, јавува Anadolu Agency (AA).
Балканскиот барометар е годишно истражување на ставови, искуства и мислења во економиите опфатени со Стратегијата на Советот на тема "Југоисточна Европа 2020" (ЈИЕ 2020), стратегија за работни места и просперитет во европска перспектива.
Балканскиот барометар, кој првпат е објавен во 2015 година, испитал 7.000 граѓани и 1.400 компании од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и Македонија на различни прашања кои се занимаваат со политички, социо-економски и бизнис развој и развојот на инвестициската клима, инфраструктура и владеењето на правото.
Балканскиот барометар за 2016 година, која ги опфати и Молдавија и Словенија, беше објавен во два дела: "истражување на јавното мислење", кое се занимава со ставовите на граѓаните и "истражување на претприемачите", во кое се сумирани мислењата на компаниите.
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ, рече дека најголем проблем, според истражувањето спроведено кај граѓаните од Југоисточна Европа, е ниското ниво на вработеност и високата стапка на невработеност.
Според него, најголем дел од граѓаните опфатени во анкетата, овој проблем го нарекоа "проблем број еден".
"Сите велат дека тоа е најголем проблем, тука нема разлика. Нема разлика ни за вториот најголем проблем, а тоа е целокупната лоша економска ситуација. Првиот пат имаме скок на перцепцијата дека корупцијата е трет најголем проблем, тоа е 15 отсто повеќе отколку во претходните анкети. Очигледно корупцијата е поголема отколку пред тоа. Исто така, речиси секој втор граѓанин изјави дека е подготвен да ја напушти својата земја за да најде работа. Невработеноста и сиромаштијата се уште се широко распространети во регионот, а многу е ниско нивото на доверба во државните институции", рече Свилановиќ.
Интересни ги нарече ставовите на граѓаните од земјите во регионот за мигрантите кои се претежно негативни. Според извештајот, 47 отсто од испитаниците имаат негативен став кон мигрантите, додека само 11 отсто имале позитивен став.
Кога станува збор за истражување на бизнис заедницата и претприемачите и сопствениците на големите компании, како главни проблеми во работата ги наведоа даночните стапки, трошоците за финансирање, производството и задолжувањето. Од друга страна, според Свилановиќ, бизнисмените од Југоисточна Европа сметаат дека нивните производи се подеднакво добри како оние од ЕУ и дека им се конкурентни.
На овогодинешното истражување посебно беше ангажиран Владимир Глигоров, стручен консултант и истражувач во Институтот за меѓународни економски студии во Виена. Тој истакна дека во регионот постои колективна незадоволство од политиката и политичката ситуација и дека граѓаните нивната земја главно ја гледаат како пречка или товар.

Жителите на Југоисточна Европа, во суштина, сметаат дека "врските и личните контакти", се најважниот фактор да се најде вработување.
"Луѓето не очекуваат ништо во подобрувањето на состојбата на пазарот на трудот, тоа е прашање на индивидуално снаоѓање за нив. Ситуацијата е катастрофална на пазарот на трудот тука и тоа трае со децении. Лично, на луѓето од ЕУ им значи можноста да се избега од регионот и да работат таму. Ова е од една страна позитивно на ЕУ, но е исто така доста негативно за овие земји", рече Глигоров истакнувајќи дека ова е испраќање порака до владите од регионот дека треба сериозно да се позанимаваат со податоците од истражувањето.
Инаку Балканскиот барометар, како алатка ги сумира сите ставови на јавноста и бизнис заедницата за различни прашања со кои се занимава стратегијата ЈИЕ 2020.
news_share_descriptionsubscription_contact
