Bojana Stojanovic
08 Јуни 2019•Ажурирај: 09 Јуни 2019
БЕЛГРАД (AA) - Неизвесно е дали на 1 јули во Париз ќе биде одржан состанок на функционерите на Белград и Приштина, таков состанок сигурно нема да има ако не постои шанса да дојде до укинување на таксите, изјави денес министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничка прес-конференција со шефицата на дипломатијата на Јужна Кореја, Канг Кунг-Вха во Белград, Дачиќ наведе дека „германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Франција, Емануел Макрон, сигурно нема да дозволат за нос да ги влече [премиерот на Косово], Рамуш Харадинај“.
Како што рече, тоа нема да го дозволи ниту Србија.
„Ние сакаме да се изнајде решение. Не е до нас. Нека покажат дали сакаат или не сакаат. Очигледно, некои не сакаат. Ќе ги решат силните проблеми низ светот, а не можат да го убедат Рамуш Харадинај. Па кој уште во тоа да поверува“, рече Дачиќ.
За претстојната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), посветена на Косово, тој нагласи дека сигурно ќе биде одбележена со дискусија за неодамнешните настани и апсења на северот, како и со повредувањето на двајца службеници на УНМИК.
Тој говореше за односите со Кореја, замолувајќи да се задржи нивниот „воздржан и умерен пристап во однос на прашањето за Косово“, кој значи дека претходните администрации го признале Косово, но не воспоставиле дипломатски односи и биле воздржани на гласањето за приемот на Косово во меѓународните организации.
Министерката за надворешни работи на Јужна Кореја потврди дека нејзината земја ќе го задржи тој став, со надеж дека со дијалог ќе се најде решение за тоа прашање.