политика

Пендаровски со поддршка на иницијативата за реформа на изборниот модел

„Претседателот Пендаровски смета дека демократскиот развој, еднаквоста, владеењето на правото и правото на фер и слободни избори се важен фактор за просперитетот на Република Северна Македонија“, пишува во соопштението

Admir Fazlagic  | 08.06.2019 - Обновена : 09.06.2019
Пендаровски со поддршка на иницијативата за реформа на изборниот модел (Foto: Arhiva/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, дава поддршка на иницијативaтa на неколку политички партии, доставена во изминатиот период до Кабинетот на претседателот, за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик, а во насока на создавање пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици на територијата на Република Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Претседателот Пендаровски ги повикува политичките партии, и од власта и од опозицијата, да ја разгледаат можноста за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик и со политички консензус да се постигне договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, преку кој граѓаните ќе имаат можност да избираат не само политички партии, туку и поединечни кандидати“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Во соопштението се додава дека, поаѓајќи од неговите заложби во изборната програма, претседателот Пендаровски смета дека во Република Северна Македонија треба да има помал број изборни единици, без праг или со минимален праг на потребни гласови, а во функција на проширување на политичкото претставување во Собранието на Република Северна Македонија.

„Претседателот Пендаровски смета дека демократскиот развој, еднаквоста, владеењето на правото и правото на фер и слободни избори се важен фактор за просперитетот на Република Северна Македонија“, пишува во соопштението.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.